Последните одговори на д-р Даниловски ги расчистија скоро сите дилеми околу имунизацијата

0

Нашиот водечки епидемиолог, професорот д-р Драган Даниловски е еден од најактивните доктори во оваа пандемиска криза, во насока на објаснување во медиумите на сите аспекти на вирусот.

Тој речиси секојдневно учествува во дебати, интервјуа, пишува статуси на социјалните мрежи, одговара на прашања на граѓаните во некои групи на социјалните мрежи. Д-р Даниловски изминатите два дена одговара на прашања на читателите на најстариот стручен медицински портал, доктори.мк.

Сега, кога во нашата земја пристигнаа поголеми количини вакцини, од различни производители, се очекува да се спушти старосната граница за имунизација и што поголем број луѓе да ја примат својата доза.

Сепак, граѓаните имаат некои дилеми, кои се однесуваат пред сè на хронични заболувања, алергии, особено онаа на пеницилин. Проф. Даниловски одговори на низа слични прашања и им ги разјасни двојбите на читателите.

Наташа Василевска праша: „Дали препорачувате вакцинирање на личност што е алергична на пеницилин, со доживеан анафилактичен шок, прима и терапија Синдром по шема и пропратна терапија за притисок. Ви благодарам на одговорот.“

Проф. Даниловски одговори: Не препорачувам јас, туку тоа се меѓународни препораки. Да, лицето може да се вакцинира – со било која вакцина, со тоа што се препорачува да почека после вакцинирањето половина час, наместо 15 минути. Исто така, (ова не го пишува никаде), можеби не е на одмет 3-4 дена пред вакцинирањето да се пие лоратадин, еднаш навечер.

Јасмина Јаначковска: Го молам почитуваниот Професор Д-р за совет околу вакцинирање. Пред 20 години имав анафилактичен ш -ок од контрастно средство при интравенско снимање на жолчка. Дали може да се вакцинирам и дали претходно треба некои испитувања да направам. Ако да, кои испитувања треба да ги направам. Многу Ви благодарам.

Проф. Даниловски: Смеете да се вакцинирате со било која вакцина. Препорачливо е да почекате после вакцинирањето половина саат, наместо предвидените 15 минути.

Не е потребно претходно да правите никакви испитувања. Совет неформален: неколку дена пред терминот за вакцинирање, пијте си секоја вечер по еден лоратадин.

Петковски Никола праша: Докторе добар ден. Вака 10 месеци веќе сум без мирис и вкус од лани од јуни кога бев позитивен на ковид. Дали има некој лек, и како да ми се поврати истото?

Проф. Даниловски: Загубата на сетивата за вкус и мирис навистина се непријатна работа. За да го забрзате нивното вражање, се препорачува секојдневно „вежбање„ на мирисот – не мора вкусот. Тој автоматски ќе се врати, откако се врати мирисот.

За таа цел, спремете си дома материи со различни силни мириси – лук, оцет, кромид, кафе, портокал, разни парфеми… и вежбајте. Упорно и со многу трпение. Постепено ќе имате напредок.

Со ова вежбање се постигнува да се регенерираат постепено нервните влакна и рецептори во горниот дел на слузокожата на носот, кои од вирусот се уништени. Успех ви посакувам!

Јасмина Саботковска постави прашање за проблем со кој се соочуваат многу жени: Почитуван Д-р Даниловски, Ве молам совет околу пациенти со Хашимото синдром. Дали смеат да се вакцинираат и со која по вас вакцина? Благодарам.

Проф. Даниловски: Смеат да се вакцинираат со било која вакцина. Но, пожелно е да не го сторат тоа, ако болеста е во активна (разгорена) фаза – ако се високи автоимуните антитела.

Исто така, ако во редовната терапија има имуносупресивна терапија (кортикостероиди), се препорачува таа да почне постепено да се намалува две недели пред терминот за вакцинирање, за тој ден таа да биде нула.

После вакцинирањето, треба уште две недели да не се зема терапијата. Ова едномесечно апстинирање од терапијата мора да го одобри докторот специјалист што го води пациентот.

Не смее на своја рака, ниту врз основа на совети на фејсбук! Ако пациентката прима хормонална терапија – Еутирокс, таа може да се продолжи, зашто не влијае врз ефектот на вакцината, одговори проф. д-р Драган Даниловски.

Сите прашања и одговори можете да ги видите, но и да поставите свое прашање, на фан страната на порталот Доктори.мк ТУКА

П.П.   Фото: Илустрација и приватна архива

Претходна статијаДали за слава да изнајмам соба во хотел: Новинарка му постави интересни прашања на градоначачникот Саша Богдановиќ
Следна статијаПриказната од Австралија која насолзи многумина: Се родив богата, па бев сиромашна, а денес посвоив дете