Фудбалската репрезентација на Македонија во ноември минатата година испиша нова страница во својата историја, а повторно по кој знае кој пат најзаслужен за големото славје и пласманот на Европското првенство беше нашиот капитен Горан Пандев.
Иако зад себе има одиграно голем број финалиња и има постигнато безброј голови, сигурно, оној за победа над Грузија е негов најдраг во кариерата.
По последниот судиски свиреж на Ентони Тејлор во Тбилиси, цела Македонија го славеше големиот успех на фудбалерите, а незаборавно славје имаше и пред куќата на Пандев во Струмица.
Македонската фудбалска репрезентација го исполни сонот и се пласира на прво и историско Европско првенство. Победата во Грузија ја донесе Горан Пандев со голот во 56. минута од натпреварот, кој беше доволен за минимални 0-1.
Капитенот и лидер на оваа селекција призна дека е пресреќен за пласманот на Македонија на дебитантски голем собир, а меѓу другото кажа и што неговите сопруга и деца му порачале пред тргнувањето од Италија.
-Успехот го посветувам на мојата фамилија, тие се мојата инспирација и помош. Кога ме испратија од Италија, жената и децата ми порачаа:
Тато без Европско првенство да не се враќаш. Среќни се сите, а јас сум најсреќен. Уште не верувам дека го остваривме сонот, ама за некој ден ќе разбереме што сме направиле.
Кога го дадов голот погледнав кон небото и помислив дека вербата во Бог ќе не награди. Знаеме дека долги години се мачевме во фудбалот, ама сега треба сите заедно да се радуваме бидејќи тоа го заслужуваме“, изјави Пандев.
Горан Пандев од 2009 година е во брак со прекрасната Надица, со која имаат три дечиња и тоа синот Филипо, ќерката Ана и најмалата ќеркичка Софија, родена во 2018 година.
Сопругата на Пандев, која од неодамна со него и со децата се пресели во Џенова, Италија, во интервју за Женски магазин го опиша својот сопруг и животот со него.
-Воопшто не е лесно да се одржи една нормална семејна атмосфера. Горан повеќе време поминува надвор од дома. Тренинзи, натпревари, патувања. Тие се неизоставен дел од неговата професија.
Со децата имаме големо разбирање за неговата професија. Истовремено ја знаеме и ја почитуваме неговата вредност. Се трудиме сите проблеми, кои се јавуваат како и во секое семејство, да ги решиме на свој начин.
И што е најважно со договор и разбирање. Се вложуваме максимално да живееме во топла семејна атмосфера.
Најмногу сум горда на голот што го постигна против Грузија, кој нé однесе на Европското првенство. Тоа е голема радост и за нас и за Македонија. Среќна сум што му се оствари тој голем сон“, рече Надица Пандева.
-Обожавам да готвам. Едноставно уживам кога сум во кујната. Подготвувам јадења од различни кујни. Сакам да откривам нови вкусови. За Велигден на софрата ќе доминираат македонски специјалитети“, додаде таа за својот домаќинлук, а потоа рече што претставува сопругот за неа.
-Многу сум среќна што го имам Горан за сопруг. Тој е прекрасна личност, добар татко и сопруг. Тој е мојот вистински дијамант“, изјави Надица.
Фото: Инстаграм принтскрин