Игор Дурловски, заедно со една од нашите најпознати поп пејачки и виолинистка Андријана Јаневска, пред неколку денови, на собирот пред Собрание, заедно ја изведоа химната.
По ова, во јавноста се развија коментари околу евентуалниот финански надомест кој го зеле пејачите. Андријана Јаневска завчера за „Фокус” рече дека се решила да запее на протестот откако ја контактирале организаторите на истиот.
-Беше договорено да отпеам неколку патриотски песни, а за химната не оставија да се договориме со Игор. Пред настапот имавме една проба, се договоривме кој што ќе пее, и тоа беше тоа. Инаку, си носев свој микрофон, носев две маски и максимално се придржував до мерките за заштита од вирусот – појаснува Андријана.
На прашањето дали настапила за да даде поддршка на протестот или пак станувало збор за платен ангажман, таа вели дека настапила без надомест.
Синоќа Андријана, веројатно погодена од некои коментари на социјалните мрежи, реши да подобјасни низ што сè мора да помине еден музичар пред да стане професионалец:
„Според коментарите на социјалните мрежи, имам впечаток дека малку се знае за патот по кој еден класичен музичар чекори додека да созрее во професионален уметник. Ќе се обидам накратко да објаснам:
Еден професионален музичар вообичаено од 6 години посетува музичко училиште. Учи солфеж (нотно описменување) и инструмент паралелно со основното училиште. Вежба секој ден затоа што како во спортот, така и во музиката мора да постои континуирано вежбање.
Родителите треба да купат инструмент, кој подоцна треба да се замени со поскап и подобар. Секоја година детето се оценува од стручна комисија и полага завршен испит.
Во меѓувреме почнува со првите јавни настапи и концерти и учествува на државни и меѓународни натпревари. Потоа продолжува во средно училиште каде вежба по неколку часа на ден бидејќи материјалот е многу потежок.
На училиште се седи од утро до вечер, а се вежба каде ќе се најде слободно место. Концертите и натпреварите се почести. На факултет музичарот веќе почнува да се оформува и во буквална смисла на зборот мора да се предаде на професијата и да жртвува многу за да биде успешен.
Околу психолошкиот притисок (да не се погреши ниту една нота, бидејќи отиде делото) да се издржат сите тие настапи и концерти не сакам ни да зборувам, бидејќи во класичната музика едноставно нема простор за импровизации.
За цел овој период се посетуваат мастер класи, работилници и семинари. Зборувам значи за долг период од мноооогу години и тоа трае цел живот, бидејќи не смее да помине ниту еден ден без вежбање.
Да сумирам: за да се отсвири еден концерт за пијано и оркестар, да се отпее главна улога во опера од 4 саати или да се издиригира дело за хор или оркестар, треба долги години вежбање, многу скинати жици и нерви, многу пропуштени празници со семејството.
Уметноста не е работа од денес за утре. Му текнало некому на 30 години дека сака да е музичар, па ај ќе стане. Секако дека има и исклучоци, но генералната слика е оваа, а бидејќи сум спортски тип со сигурност знам дека и кај професионалните спортисти е слично.
Затоа, се згрозувам кога кој било ќе се дрзне да каже погрден збор кон професионален музичар или спортист.“