Проф. Трајковски: Потребно е енергично притискање на сопирачката – пикот ќе биде подоцна од што се очекуваше

0

Дејан Трајковски, професорот по Механика од Битола, во текот на оваа пандемиска криза се етаблираше како еден од најдобрите статистичари на официјалните бројки, кои државните органи секојдневно ги лиферуваат.

Тој неуморно, со месеци наназад, врз основа на статистички операции, презентира предвидувања како ќе се одвива пандемијата и досега, во најголем дел, неговите прогнози се покажаа како точни. Еве ја неговата вчарашна колумна:

„27.03.2021. Со вчерашните 1.419 нови случаи (рекорд од почетокот на епидемијата) имавме извесно натфрлање, а со денешните 1.320 извесно потфрлање во однос на десезонираната крива (на првата слика), која покажува како би растел бројот на случаи доколку секој ден би се вршел ист број на тестови во сите лаборатории.

Ваквиот поглед на епидемиските бројки, односно на речиси совршено праволинискиот раст, просто вчудоневидува. Имаме речиси совршено предвидлив раст на десезонираните бројки за 20,6 дневно.

Од една страна е добро што растот не е експоненцијален, но од друга страна не гледаме промена во динамиката. Додуша, константниот прираст од 20,6 во однос на денешниве просечно 1.100 нови случаи е релативно помал отколку во однос на 300 на почетокот на овој бран.

Затоа впрочем опаѓа репродукциониот број Rt и немаме експоненцијален раст. Но, линеарниот раст на бројките има за последица намалување на Rt по хиперболичен (црвената стрелка на вториот дијаграм), наместо по линеарен закон (портокаловата линија), каков што обично претпоставуваме.

Да ја скратиме приказната, крајната последица е пролонгирање на времето до врвот на овој бран. Наместо во првата недела на април, врвот најверојатно ќе биде во втората недела. Но, да не заборавиме дека пикот не е крајот на маките, туку точката на најголеми дневни бројки.

Но, иако бројките на нови случаи ќе бидат тогаш најголеми, најголеми ќе бидат и бројките на затворени случаи, така што бројот на активни случаи во тие денови нема да расте (ќе достигне исто така максимум, можеби некој ден подоцна), а исто така максимум ќе достигне и бројот на хоспитализирани.

Максимумот на упокоените ќе дојде подоцна, дури во третата недела на април, поради временската константа на доцнење.

Инаку, вчера имавме најголем еднодневен број на новохоспитализирани (дури 90), како и енормно висока стапка на позитивни тестови во ИЈЗ Скопје (не збирно) од цели 54%, речиси колку во Вухан, со нивните 60%.

Ниту стапката на позитивни тестови не подзабавува со искачувањето (нејзиниот седумдневен просек денеска изнесува 29,8% – црвената линија на третиот дијаграм), ниту пак растот на бројот на хоспитализирани подзабавува, а уште полошо ни на упокоени.

Денешниот број на поч инати (35) е шеста највисока бројка досега, со тенденција на незапирлив раст (црвената линија на четвртиот дијаграм). Со толку многу хоспитализирани, веќе е јасно дека ќе видиме и денови со 40+ упокоени.

Денешната седумдневна подвижна средина на бројот на поч инати веќе изнесува 28, што максимумот од есенскиот бран (33) го има веќе на дофат на рака.

Наместо енергично да притиснеа на сопирачката со еден тотален викенд локдаун, како да им се брза што побргу да помине пикот, без разлика на бројот на жртвите. Крајно нехумана, бездушна и безобразна политика.

Веќе слушаме за преполнетите болници во Скопје, а наскоро истиот проблем ќе се појави и во внатрешноста. Но затоа постојано се повторува мантрата дека има места, дека ситуацијата е под контрола – ако контролираното упокојување по 30+ луѓе на ден може да се смета за некаква контрола над ситуацијата.

Се повторуваат сликите од есенскиот бран, но овој пат ќе биде полошо, затоа што сега имаме за 400 повеќе хоспитализирани отколку во есента при истиот број на активни случаи, а тие допрва уште ќе растат.

Тоа се забележува многу добро во Битола, каде е достигнат есенскиот максимум од 80+ хоспитализирани, но при само 600 активни, наспроти есенските 1.000 активни случаи. Ни тогаш, ни сега во Битола не бил проблем капацитетот, што значи дека британскиот сој е тој што испраќа многу повеќе луѓе во болниците.

Но, дури и сегашните 80 хоспитализирани не се исти како есенските, бидејќи сега најголемиот број се на кислородна поддршка, што значи дека се економизира со местата и се примаат само најтешките случаи.

Сето ова нема да се заврши добро, дури ни со отворањето на модуларните болници, а епилогот ќе го видиме на лето во месечните билтени на Државниот завод за статистика.

Да дозволиш неконтролирано ширење на епидемијата во услови кога немаш обезбедено вакцини изгледа како да возиш на удолница без сопирачки, надевајќи се дека скоро ќе стигнеш до подножјето без да се истумбаш. Којзнае што мислат, ако воопшто нешто мислат…“

Претходна статијаСтевчо: Ми се јави пријател и ми вели вака: Изненаден сум од три работи
Следна статијаД-р Аврамоски и Горан Кунгуловски објаснија после колку време од имунизацијата се развива имунитет