Како се „лизнаа“ овој мојов и девојка му: Ги фатив по сликите што ги постнаа на фејс од концерт во Софија, од ист агол беа

0

Во денешно време, кога технологијата е отидена многу напред, но и сите ние стануваме компјутерски писмени, многу е потешко да остане нешто сокриено. Но да почнам отпочеток.

Со Миле сме во брак десет години и имаме две деца. Машко и девојче. Односно веќе не сме во брак, поради тоа што се случи, а што ќе го објаснам подолу. Но да одиме по ред.

Нашата беше љубов од оние средношколските. Заедно учевме во клас во Корчагин.  Некаде кога бевме трета година на екскурзија низ Европа, се „фативме“. Тоа ми беше првата љубов, а и јас нему.

Бевме неразделни. После часови, повторно кај мене дома, или кај него. Кога завршивме средно, тој се запиша на Економски, јас на Правен. Завршивме во рекордно време.

Јас се вработив во адвокатска канцеларија, а Миле во една приватна фирма за шпедиција. Кога се средија сите работи, некако како нормален след на работите, беше да се земеме.

Беше тоа убава свадба, модерна, без многу „џингерлака“. Сепак, имаше и народно, ама повеќе забавна музика, бидејќи имавме ангажирано два бенда. Не бев бремена, значи се зедовме баш од љубов.

Дури после година дена останав бремена со едното, па по две години со другото дете. Миле беше грижлив сопруг и татко. Не беше од оние мажи што шета по кафани со другари, речиси и воопшто не го интересираше тоа.

Но многу сакаше да оди по концерти. Некогаш со мене, некогаш со друштво, со другари. Дали било џез фестивал, или Балашевиќ, или во МКЦ на некој концерт. Немав проблем со тоа воопшто.

Миле е снаодлив човек, а бидејќи работеше во шпедиција имаше контакт со многу луѓе. Така тој влезе во комбинација со еден бизнисмен од Бугарија и одлучи да ја напушти фирмата и да отвори своја фирма.

Доби застапништво за продажба на бои за фарбање коли. Отвори три дуќани во Скопје и одлично му тргна работата. Сега, поради новата работа, често одеше за Бугарија.

Но тука веќе, кога тој целосно се посвети на работата, како да го загуби сјајот во очите во односот со мене. Како да се олади. И почнаа моите сомнежи. Имав забележано дека една црвенокоса, некоја си Маја Т. постојано му ги лајка статусите.

Почнав да го отворам од време на време нејзиниот профил и да гледам што постира. Некаде јуни или јули месец 2019, Миле ми рече дека мора да оди на пат во Софија. Притоа, ми рече дека баш ќе се совпаднело, бидејќи тие денови концерт во софија ќе имал Андре Руи и сакал да оди.

Нормално, немав проблем со тоа, но што се случи! Става овој мојов вечерта слика од концертот. Следниот ден јас влегувам на профилот на Маја, за која се сомневав дека има нешто со маж ми и на моемо големо изненадување, гледам дека и таа ставила слика од концертот на Андре Руи во Софија.

Гледам и не ми се верува. Сликата што ја ставила Маја е од буквално истиот агол, од кај што сликал и маж ми. Немаше веќе сомнеж за мене. Знаев дека со во врска. Ви се молам, тие пријатели на фејсбук, се погодиле во исто време, на исто место во Софија на концерт? Неееее. Си ја носел шваљерката на „службени“ патувања.

Се врати Миле и му кажав сè, сите мои сознанија. Се препелкаше некое време, негираше, но потоа ми призна. Скоро две години бил во врска со жената која ми го растури бракот. Толку и таа среќа ќе види, ама ќе си види.

Веднаш покренав бракоразводна парница и го завршивме тоа без многу трзавици. Денес сме и во некакви коректни односи поради децата, а колку што слушам тој сè уште е во врска со Маја. Ќе видиме до кога.

Обработи: П.П.   Фото: Илустрација

Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама

Претходна статијаШто прави кога сака да те шутне: Машки тактики – знае што те нервира и намерно го прави тоа
Следна статијаЖивкица: Една непозната девојка денес ми го стопли срцето