Ѓорѓи: Еднаш Трифун не викна во Негорци – имаше софра три дена и три ноќи

0

Речиси секојдневно, на социјалните мрежи се појавуваат сведоштва од луѓе на кои нашио познат бизнисмен и добротвор, Трифун Костовски им помогнал, а тој ги реобјавува на својата страна на социјалните мрежи.

Кога на човек му е тешко, најчесто најблиските го заораваат и му вртат грб, но очигледно тоа не е така со Трифун Костовски:

„ДРУГАРУВАЊА. Ѓорѓи Цветковски И Трифун Костовски

Ѓорѓи: Кога некој ќе ме праша, а често ме прашуваат каков човек е Трифун Костовски, едноставно велам, па нормален, знае да те сослуша, да ти каже убав збор, некогаш и утеха, знае да те прекори, хуманист, ерудит, полиглот … епа покрај сите овие доблести човекот е исклучителен.

Некој ќе рече, еее дека ти е пријател и претеруваш. Па баш затоа што го знам и искрено говорам. Имаше Трифун во последниве години и „другари и пријатели“ кои знаејќи ја неговата човечка слабост да дава, земаа од него и со капа и со шака, кој како дојде, и ние што бевме во негова близина, гледајќи ја алчноста кај тие божемни пријатели, видовме многу безрбетници-почнувајќи од познати политичари, бизнисмени, дипломати и уште кој не, но беа прочитувани и набрзо самите со јад и срам заминуваа од него и неговото опкружување.

Фото: Јутјуб принтскрин

Некаде во далечната 1997 година во Градски парк, поточно на теренот на помошното игралиште на Работнички, бев повикан од сега покојниот Мишо, добар другар на Пуни, како што тој и блиските го ословуваа, да ги појачам во фудбалската екипа која имаше закажано со долгогодишниот ривал – екипата на Цветко од Виена.

Не дека јас знаев да играм нешто посебно, ама знаев да шутирам и со двете нозе, па некако и се најдов во екипата. И се знае, после тоа имавме уште многу средби, претежно победи, ама најдобриот дел следуваше во ресторанот на Кампинг, каде често заседнувавме до фајронт. Во тој период играме уште со многу екипи и игравме за време на викендите дека Трифун живееше во Виена, па да набројам само некои:

Фото: Јутјуб принтскрин

Екипата Чесни отци (свештени лица) кои играа и во некои лиги во Македонија, екипата на Генералштабот на АРМ предводена од генералот Мирослав Стојановски, екипата на ветераните на Работнички, екипата на Коки (воглавно помлади од сите нас во просек за 30 години), екипата на ОКТА која јас ја предводев повеќе години, и многу други. И секогаш не беше целта победата, дружбата и заедничките седенки ќе останат во вечно мое сеќавање.

Откако се променија времињата и Трифун се пресели во Скопје, дружбите и фудбалските средби станаа позачестени, па бидејќи во секое време имавме по две а некогаш и три, четири екипи, значи никогаш не недостасуваа луѓе, игравме во гимназијата Корчагин, од крајот на октомври па некаде до почеток на април, а потоа на игралиштето на Работнички, некогаш на Военото, некогаш на помошното на Вардар.

Фото: Јутјуб принтскрин

Собирањата и седенките во тој период беа кај Миле Чатал, сега покоен Господ душата да му ја прости, во неговиот дел на Идадија. И таму знаеше многу пати да не дочека зора, некогаш со музика, некогаш без, ама штимунгот и забавата многупати ја правеше тој што не повикуваше – Трифун. И кога сум кај Идадија, ни беше познато дека Чатал спие гол-односно по гаќи и во една прилика кога не му кажавме дека ќе дојдеме во кафеаната, го разбудивме накај полноќ тропајки по вратите од кафеаната, а тој по гаќи се симна и ни ги отвори портите, е сега се ќе беше во ред надвор да не беше-20. Е таков беше Чатал.

Фото: Јутјуб принтскрин

Последниве години иако добар дел од другарите се откажаа заради ред проблеми (старост), Трифун и уште пет-шест упорни постари диносауруси, во подмладени екипи средбите ги организиравме на новоизграденото игралиште на Работнички под рефлектори, некогаш и на минус 12. После тоа следеше затоплување кај Вршац, многупати завршувајќи во раните утрински часови, играјќи шах или потестувајќи се на младоста со многу приказни и шеги.

Фото: Јутјуб принтскрин

Во 1999 година за Велигден бевме повикани сите од екипата во бањата Негорци, каде имаше софра три дена и три ноќи. Во годините што следуваа, отприлика дваесет и нешто, секоја нова година и секој годишен одмор го минувавме заедно. Имав чест и да бидам во групите што ги придружуваа ракометарките на Кометал, во многу европски градови. Посебни билети со некогаш ВИП места ни приредуваше на многу концерти, отварања и забави. Учествувавме на Новогодишниот бал речиси секоја година, и да не набројувам ги имаше многу такви настани и поводи.

Фото: Јутјуб принтскрин

Малку е текст од неколку страници за да ги опишам доживувањата и восхитувањата што ги приредуваше Трифун. Ај ќе споменам само неколку: Придружувајќи ја екипата на Кометал со автобус група од 30-40 пријатели и другари одевме за Ниш. Кај Предејане имавме позната починка и јас бев во групата со 4-5-мина што не се симнаа во ресторанот туку продолжија со спиење…

Фото: Јутјуб принтскрин

Пред поаѓање, ете го Трифун ми вика Ѓорѓи (еден од ретките луѓе во животот кои ме ословувале исклучиво така) еве вели, во кесава има сендвичи подели на оние што не беа во ресторанот. Јас занемев, нормално ги поделив и помислив дали ова би го направил некој друг?! Ете таков е Трифун, човек со меко и големо срце. Или кога бевме во Лублин (Полска).

Фото: Јутјуб принтскрин

После напорниот пат, одевме преку Софија, во Варшава со автобуси (2) до Лублин, дојдовме доцна вечерта. Ракометарките беа во другиот автобус и требаше да престојуваат во друг хотел. После се испостави дека тоа не бил хотел туку дом каде во неколку соби трабало да се сместат. Не беше ни младински дом, туку место каде нивните ракометарки оделе во карантин.

Фото: Јутјуб принтскрин

Кога тоа го разбра Трифун веднаш ги повика ракометарките и им обезбеди соби во хотелот каде бевме ние сместени. Инаку за оние кои не знаат, или мудруваат за ова или она, да кажам дека гостинските ракометарки кои играа на наш терен исклучиво беа сместувани кај нас во Александар Палас. Тоа го прави само Голем ЧОВЕК. Имавме безброј случки но уште една во оваа прилика ќе ја обележам.

После едно Новогодишно дружење што некогаш траеше и по десетина дена, не се сеќавам на годината, на аеродромот во Анталија поради доцнење на авионот заради невреме заглавивме неколку часа. Спасот и утехата ја најдовме во еден од баровите на аеродромот каде служеа пиво во кригли од по литро.

Фото: Јутјуб принтскрин

Криглите беа толку големи и тешки што со една рака не се додржуваа. И после неколку такви кригли дојде до една максимално опуштена атмосфера кога некој предложи да формираме влада на РМ од присутните во барот. Се разбира тоа беше шега, но од сегашен аспект верувам дека предложените тогашни наши кандидати 100 пати повеќе ќе придонесеа за Македонија, отколку катаклизматичните влади оттогаш па наваму. Особено од оваа денешнава, но за неа малку подолу.

Фото: Јутјуб принтскрин

Со Трифун се немам видено неколку месеци. Чекаме да запролети па пак ќе почнеме со тенис, можеби и фудбал, а шахот не ни гине. Го снајде голема неволја, но тие што му беа вистински пријатели останаа со него до денес. Се сметам за еден од нив. Ова што го прави оваа неспособна влада со министри од кои ти оде да се згрозиш, зборам за од нашиот блок, за албанскиот кој го сочинува 50% од нив не сакам ни да помислувам, поарно ништо да не работат отколку како талибанци се да уништуваат.

Ама и човекот кој ги ВОДИ и неговата насмевка и кога треба и кога не (Боже ме прости како недоносен), ме тераат на мисла зарем вакво нешто за нас Македонците ни беше потребно?! Зборувам за Зоран Заев, малку да биде појасно. Ни го донесоа за да ја заврши валканата работа, ете нешто заврши нешто не, но ако има доблест и треба да си замине да не направи уште поголеми гадости. Ме чуди и волку неспособната опозиција која ги предводи ПИШМАН аџија, те еднаш вака, па утре онака и така во недоглед, па се мислам дека и овие се теледиригирани однадвор.

Како и да е Трифуне, како што ти пред утакмица ќе речеше ако имаме слаба екипа – колку сме толку сме ама јаки сме. Ќе го издржиш и ова премрежје, во тоа сум сигурен.
Трифун: Како ние другарите што милуваме да го викаме Ѓоле брко припаѓа во помладата група на Диносаурусите.

Годините минати со него на заеднички летувања, Нови години, играње фудбал, тенис, шах, беа секојденвие. Ведар дух, пол со позитивна енергија, зборот омраза за него не постои, ние другарите го крстевме како дамски кројач, бидејќи со неговата сопруга Виолета имаше две прекрасни ќерки. За овие повеќе од 340 години другарување, никојпат меѓу нас не паднал лош збор, а уште помалку омаловажување. Респектот и почитта биле дел од нашето секојдневие.

Еве и ова ми се случи, минатат сабота на 27 Фебруар, Џоле ни организираше нам другарите да играме тенис на Зајчев рид, а тој самиот не можеше да игра бидејќи беше повреден. Чувството за овој гест е прекрасно. Ќе се прашате зошто? Мојот другар Џоле-брко, знаејќи со се што се соочувам во последнава половина година, со оваа организација на играње тенис, ме оттргна од мислите кои се со мене кога легнувам и станувам.

Да биде задоволството уште поголемо, прв пат почувствував толку убав Фебруарски сончев ден, амбиентот беше прекрасен и секако тенисот го завршивме со по едно пиво. Ѓорѓи, ти благодарам. Другари сме и ќе останеме до века, да не држи здравјето и умот. Чувството дека се има поддршка од најблиските пријатели, другари е огромно.

Претходна статијаД-р Даниловски за Дојче Веле: Нема пардон кога се работи за народното здравје
Следна статијаЈон Фрчкоски му одговори на Стевчо: Никому не посакувам да се тресе у чекална чекајќи епилог за детето