Двапати месечно идеше од Минхен, а кога ме остави тешка ми рече да се чистам – јас родив, а тој прекина контакт со мене

0

Премлада сум за ова што ми се случи, имам само 22 години, но немам друг излез, морам понатаму. Живеам во мало место, овде сите се знаат и затоа уште ми е потешко. Тој беше единствената моја љубов во животот и освен него јас не знам за друг маж. Се запознавме едно лето кога тој беше дојден на гости кај еден другар од мое маало.

Иако постар во години од мене, јас се вљубив во него преку уши и само на него мислев. Бидејќи живееше во странство, едвај чекав да ми се јави или да дојде да се видиме.

Поради големата разлика во годините, тој сакаше нашата врска да ја чуваме во тајност, а и мене ми беше срам, па се придржував до договорот.

Но, подоцна дознав дека бил женет и тоа многу ме растажи. Со денови плачев. Кога тој разбра за ова, веднаш дојде и ме убедуваше дека бракот му бил при крај, морал уште некои финансиски документи да заврши и потоа сè ќе било готово, ќе ставел крај.

Ах, колку сум била наивна, колку згрешив! Сега целиот свет е против мене. Кога го запознав имав само 17 години и му верував зошто бев премногу вљубена. Тој ми велеше дека поради мене е подготвен да си го остави семејството, жената, децата, куќата, значи сè.

Поради мене доаѓаше двапати месечно од Минхен. Толку многу го сакав, што му го дадов и она највредното што секоја жена го има, невиноста… Му бев верна, тој ми беше сè на светот.

На годишницата од нашата врска дознав дека сум бремена, бев пресреќна и едвај чекав да дојде за да му ја соопштам радосната вест.

Кога дојде и кога му кажав дека сум бремена, тој, никогаш дотогаш не ми се обратил така ладно и без емоции, ми рече да се чистам. Јас не сакав да се ослободам од моето бебе, ама тој инсистираше.

Пред да се врати во Минхен ми остави 500 евра за трошоци. Кога дојде следниот пат и виде дека стомакот почнал да ми расте, многу се налути зошто не сум го послушала.

Ми викаше страшно, бараше да му ги вратам назад парите ако под итно не сум заминела во болница за да го решам проблемот.

Ми рече дека многу сум го разочарала и дека не планирал вакво нешто со мене, дека сум била иста како другите девојки. Сум сакала со бременоста да го условам, да го уценувам, да го заробам…

Тоа беше пред три години и оттогаш никогаш повеќе не го видов ниту го слушнав. Јас родив близнаци, две машки. Бројот на мобилниот го сменил, профилот на Фејсбук го изгасна…

Се обидов да дојдам до него на различни начини, ама безуспешно…едноставно како да исчезна. Еднаш ми имаше раскажувано дека потекнувал од Црна Гора и дека таму имал фамилија, па бев во тој град за кој ми зборуваше, ама никој никогаш ништо не слушнал за него.

И јас сум виновна до некаде, зошто врската ја криевме не само по негова желба, туку и поради моите родители. Никој не знаеше за нас.

Сега никој не ми верува дека моите деца се плод на љубов, и тоа голема љубов. Никој, ниту родителите, ниту фамилијата, ни пријателите, никој не ми верува и сите ме осудуваат, велат дека не ја говорам вистината.

Во еден момент мислев дека целиот свет е мој, а сега се чувствувам сама на овој свет. Моите ме помагаат, ама не толку за мене, колку што им е жал за децата. Од мене се срамат.

Мислам дека и децата кога ќе пораснат ќе се срамат од мене, а можеби и ќе се откажат од мене. Како поминуваат годините сфаќам дека сум била глупава и наивна, на моја голема несреќа.

И.П. Фото: Илустрација

Авторски текст, не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.

Претходна статијаВлегов на фејсот на жена ми и имаше што да видам – се допишувала со „старец“, а потоа и избега кај него
Следна статијаФолкерката Ирена Вељовска раскажа што ѝ се случило на свадба, и правеше склекови во ептен кратко фустанче