Семејните проблеми се секојдневие во многу домови. Твоите, моите се познати реплики меѓу сопружниците и најчести причини за несогласувања. Но некогаш и тие „твоите-моите“ имаат што да кажат. Таков е и подолниот пример.
-Еее, не за џабе рекле “Рани куче да те лае”. Си мислиш децата ти се најголемо богатство и секогаш ќе бидат покрај тебе како ти што си ги поддржувал, ама си се излажал.
Секоја чест на исклучоците и ќе бев многу среќен и јас да бев родител на такви деца. Дочекав на стари години мојот син единец да ми го сврти грбот и да не го цени мојот труд и залагање за него.
Мајка му вели пушти го, не му фаќај за збор, ама не, некои работи не се за занемарување.
Сè си беше во ред со семејните односи сè дури не дојде снаата. Немам ништо против неа, но воопшто не ми се допаѓа нејзиното однесување и не знам како овој мојов успеал да ја најде.
Откако се всели кај нас проблемите ни почнаа. Се споија двајцата и решиле ќе нè јадат, па што сака нека биде. Ова женчево успеало да му го сврти умот на нашиов, па ни слуша ни сака да ни помогне нешто.
Јасно ми е дека си се посебна фамилија и треба да си се гледаат, но никако до степен така што едниот или другиот партнер да се откаже од своите најблиски. Навистина не знам што сме им згрешиле толку.
Сè што сакаа имаат, живеат во посебна куќа што јас им ја изградив. Кога се верија куќата не беше довршена и живеевме заедно во нашата едноспратна куќа. За една година им ја спремив куќата, двор, гаража, фала му на Бога што се можеше.
Подигнав и кредит тогаш, но го исплатив. Сè, само сите да бидеме среќни и задоволни. И наеднаш сè се преврте, толкава неблагодарност од свое дете на никој не му посакувам.
Ретко поминуваат од кај нас да нè видат и скришум си влегуваат дома. Сопругата моја се труди, им оди да го почува детето, но веќе и таа се навредува од лутите погледи на снаата која за сè и противречи, не фаќај го таму, не носи го, не давај му го тоа на детето и такви слични работи.
До нас се, а исто како во странство да живеат. Срам ми е од комшиите, едноставно не знам ни што да одговорам кога ќе ме прашаат зошто се дигнале овие нашиве.
А тие негираат, демек ништо немало, а се гледа дека не сакаат ни муабет да ни прават. На снајката роднините на секои два дена се овде, смеи, веселби, песни се слушаат до полноќ.
Си велам што ли ви згрешивме толку што нè гледате како непријатели? Дали доволно им беше тоа што им помогнавме да се исправат на свои нозе, па сега не откачија? Не мора снаата да нè сака многу, само детето наше да ни ја возвраќа љубовта и почитта.
Ќе не бараат еден ден затоа што и покрај сè, уште им помагаме и не се откажуваме од нив. Наместо да уживаме во пензионерските денови заедно, внучиња да си чуваме, тие решиле да се двојат од нас.
Не сакале да се дружат со стари луѓе, тие си имале свои врсници пријатели и поимотни луѓе со образование.
Ако, нека им служи на чест, не знам само до кога ќе тераат така, женава во најтешките мигови ќе побара утеха кај нејзините родители, а овој нашиов нека си ја удира главата тогаш.
Но, се знае, секако ние секогаш ќе бидеме покрај него без разлика на сè. Родителот простува и заборава само за доброто на своето чедо.
Обработи: С.С. Фото: Илустрација
Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама