Само оној што го искусил навистина може да ме разбере. Голем дел од луѓето ми велат ајде па ти, не се нервирај за таа работа, само здравје да имаш.
Е не е така, само јас си знам колку ми е тешко однатре. За сите овие 26 години како работам во Лондон ниеднаш ми се немаше случено ова. Ама што да правам, таква ни е реалноста сега. Сите ние што сме во странство настрана од нашите фамилии си знаеме како ни е.
Мене ми е особено тешко затоа што сум неженет и дома ме чекаат само родителите. Сестра ми е мажена, а тие живеат сами од пензијата и чекаат јас да им пратам по некој денар. За првпат по толку години Бадник ќе го дочекам многу далеку од семејството.
Се сеќавам кога бевме малечки, татко ми работеше како шофер и се случи на ваков ден да не успее да се врати дома. Јас и сестра ми се искинавме плачејќи од жал за него. Е сега сум во скоро иста ситуација само од негов аспект.
Си велам дека барем немам дечиња кои така би се растажиле за мене. Ама старата мајка уште повеќе тагува по мене. И таа сака да ги пробам нејзините традиционални јадења, топло лепче, зелниче, баклава, од се’ што спремила. Пријателите што се овде мои колеги ме тешат дека заедно ќе го поминеме иако некои од нив имаат сопруги.
Ама јас не можам некому да му влегувам в куќа баш на овој ден. Глупо ми е, затоа со уште еден колега сами во станот ќе го поминеме празников. Најголема штета е за вакви убави празници да не можеш дома да си бидеш.
Иако бев во неизвесност сепак, имав надеж дека ќе можеме да се вратиме дома. Ама ете, поради затворените граници останав тука. Ми ср плаче и постојано мислам на моите долу.
Тие ќе делат лепче и за мене и сигурен сум дека и на нив овој ден ќе им биде најтежок како мене. Сите што ми велат дека не им недостасува домот на овој ден и дека не им е до толку за жалење што нема да бидат дома, лажат. После толку време поминато далеку од дома нормално дека на сите ни фали домот и родителската прегратка.
Секојдневно ме фаќа носталгија за дома и се натажив уште кога слушнав дека за Нова година и празниците нема да може да се враќаме дома.
Се надевам барем наскоро да се подобри ситуацијата па следните големи празници да ги дочекаме дома. Не се издржува веќе овде, се’ едно исто е. Нема каде да се шета, работам во еден магацин, но моментално имам одмор.
Како што осамна денот и сфатив дека сум сам на ваков голем празник и нема да го дочекам со софра јадења нема да се срамам но се расплачав. Посакувам веќе никој да не мора да го доживува тоа што го доживуваме ние во странство. Друго е да живееш со фамилија овде, ќе седнеш на маса, ќе го одбележиш денот, но сам е многу тешко.
Колку и да сакам едноставно немам волја ништо да правам. Мислам дека дефинитивно ќе почнам да размислувам да се оженам. Не можам веќе да издржам сам. Ако треба и во Македонија ќе се вратам, колку-толку имам заштедено. Моите родители се стари веќе и не знам уште колку ќе живеат.
После тоа ќе ми биде уште потешко без нив и пак ќе се растажувам околу спремањето на софрата. Барем и нив да ги усреќам малку, дури можат да се порадуваат на внучиња. Ако ништо друго барем имав доволно време да размислувам и ми се отвори умот за оваа работа.
Па како ќе биде така, ако имам среќа ќе најдам да се оженам. Ви посакувам сите убаво да си ги поминете празниците, во своите домови, со своите најблиски и да го цените времето поминато со нив. Ние што толку време го чекаме овој ден, ете не можеме.
Обработи: С.С. Фото: Илустрација
Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.