Претходно деновите пред Нова година ни беа највозбудливи. Сета таа еуфорија околку подготовките, одлуката каде да се прославува и пазарењето траеше со денови. Сега дојде многу поразлично време.
Некако не се чувствува како да доаѓа Нова година, туку тоа е еден обичен ден. Повеќе сме полни со неизвесност дали и како ќе ги дочекаме празниците. Ситуацијата е дотаму што не се знае што ќе те снајде, па се плашиш да планираш што било.
Порано се знаеше, дури бевме мали се собиравме заедно со родителите и роднините. Сите братучеди и братучетки бевме заедно и се славеше и играше буквално дури не ни паднат очи за спиење.
Секоја година се менуваше местото, еднаш кај нас, па кај тетка ми, па вујко и така натаму дури не им помине редот на сите семејства. Се делеа подароци, прскалки, светилки и што уште не.
Иако имаше деца и се дружевме заедно, сепак со тек на годините во основно училиште запознаваме нови деца и поинтересно ни е со нив. Ех, колку време се поминуваше во планирање на списоци со луѓе, храна, пијалоци, украси, па по колку пари ќе даваме и така натаму.
Ние бевме такво одделение што кога правевме нешто, учествувавме сите. Скоро цело одделение се собиравме кај некого дома, потоа почнавме да изнајмуваме локали и таму ја минувавме таа вечер.
Колку први пијанства се случиле тогаш, први дечковци или девојки, секој со своето искуство. Некогаш сме биле само машко друштво, некогаш и со девојчиња. Се случувале и проблеми како на пример некој не го пуштаат да слави во тој локал или не му даваат толку пари, па се собиравме сите и одевме кај родителите за да ги убедуваме и да се буниме.
Секакви случки сме поминале. Во средно училиште па почнавме со славење по кафулиња и кафеани. Потоа популарно беше славењето во ноќен клуб, иако од сегашна гледна точка не беше ништо повеќе од обично излегување за викенд.
Нормално, со тек на растењето се менуваат вкусовите и размислувањето па и не бевме нешто многу окупирани со подготовки тогаш. Сега веќе ништо од тоа, и така сме оддалечени со другарите од друштвото и секој со своето семејство си ги минува деновите.
На големо изненадување на моите, оваа година и јас и сестра ми ќе останеме дома и заеднички ќе ја дочекаме Новата година. Мајка ми и татко ми се навикнати да бидат или сами или со уште некој пар, а ние настрана, што сега им падна многу чудно.
Ама ако, баш убаво ми е што ќе се собереме ние најблиските, што ќе ги поминеме најубавите денови заедно. Денес многу ретко се гледаат родителите и децата. Секој си има свои обврски и ретко се случува и на ручек да се собереме.
Од една страна сегашнава ситуација е неповолна и за нас и за помладите, ама од друга пак ќе ни даде шанса да минуваме време со луѓето што најмногу ги сакаме а им посветуваме најмалку време.
Затоа ние, можеби заедно и со тетка ми и децата, ќе си ги дочекаме идните празници. Не ни треба многу за да си поминеме убаво, домашно зготвени јадења, скара, пиење, малку музика и тоа е тоа што ни треба.
Повторно ќе се навратиме на старите добри денови кога сите заедно се смеевме и другарувавме. За некого можеби е чудно што ние “големите деца” славиме со мајка и татко, ама треба да бидеме пример и за многу други семејства.
Да си го чуваме здравјето затоа што за слави ќе има време. Никој не знае што го чека во животот, па најубаво искористенп време е времето поминато со најблиските.
Обработи: С.С. Фото: Илустрација
Името и презимето познати на редакцијата. Не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама