Зоран Заев, лидерот на СДСМ, вечерва на телевизија 24 говореше на неколку теми, а секако најинтересна беше онаа за изборите што следат
-Нели Мицкоски вели дека водат? Зошто тогаш бегаат од избори? Анкетите покажаа дека пред кризата водевме со три проценти, сега нашиот рејтинг е пораснат, и тоа им е јасно, реплицираше Заев на тврдењето на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи сигурно и тоа со двоцифрена предност.
Лидерот на СДСМ рече дека неговата партија ќе победи на изборите.
ВМРО-ДПМНЕ ќе биде поразен кога и да има избори. Затоа најважно е да се види што е најдобро за државата. Зошто? Бидејќи Владата има сериозни успеси. Ги решивме сите прашања. А, од друга страна имаме неодговорност на опозицијата. Оваа 2020 ќе има избори и ќе ги изгубат, порача Заев. Според него одговорните политичари носат одлуки, а од ВМРО-ДПМНЕ само се пренемагаат, не кажуваат јаси ставови и место тоа, излегуваат со банални изговори.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во вечерашното интервју на ТВ 24 рече дека СДСМ е за одржување на избори во првиот можен рок, бидејќи доколку не се одржат тогаш, никој не може да каже дали ќе има нов бран на корона вирусот.
-Ние можеме да си правиме планови за избори, но доколку здравствената ситуација тоа не го дозволува, тоа ќе си останат само планови и готово.
Но, како одговорни политичари ние прво треба да ги кажеме нашите ставови. Дали сме за избори порано или покасно. Еве ние сакаме порано. Зошто? Затоа што никој не може да каже кога ќе се јават наредни бранови на корона кризата. Светот дискутира за тоа. Велат може да има следен пик во септември.
Дај Боже да нема, но што доколку има? Комплетните уставни рокови од четиригодишен мандат истекуваат во декември. Тогаш ќе влеземе во уставна криза, за ситуација која Уставот не ја разработил.
Затоа сме за тоа дека треба да се фати првиот можен период за избори. Владата одлично ја води состојбата. Но, тоа јас така мислам. Што доколку граѓаните не мислат така?, вели Заев.