Наум Пановски со отворено писмо до Стево Пендаровски:
Почитуван Господине Пендаровски,
Ви се обраќам со господине а не со претседателе, од проста причина што институцијата претседател на Република Македонија, премногу ја ценам, и што од друга страна ова ви го пишувам вам како човек а не како претседател.
Инспириран од вашиот повик во делот од вашето интервју за Алсат, граѓаните да ви кажат отворено и директно што мислат за вашето интервју, си земам слобода да го искажам својот став, не само за вашиот телевизиски настап таа вечер, туку да споделам со вас вака јавно и некои други мисли за сегашните македонцки работи што би рекол “бугаринот” Крсте Мисирков.
Како Американец, според некои искази, како човек чиј глас има соодветно влијание и овде во Америка и таму во Македонија, и уште повеќе како човек роден во Скопје, Македонија, како човек кој нема никаков материјален или политички интерес нити желба за некаков личен профит од сегашниов дискурс околу беспаќата во кои се наоѓа Македонија, би сакал вака од страна да ви кажам накратко неколку битни елементи во кои со години се прпелка и постојано се дави, Македонија, немоќна да се справи сама со себе.
Што се однесува до вашиот личен телевизиски настап, од формална страна, не би сакал да бидам премногу критичен затоа што е очигледно дека за тоа, за јавен настап, (public speaking), немате искуство и советник кој би ви помогнал како да ја пренесете вашата порака сугестивно и уверливо до вашата публика. Како да се однесувате на јавен настап и што треба да правите и што да кажете е исто така нешто што се учи и се усовршува. Веројатно затоа и поголемиот дел од вашиот настап ми изгледаше како да се карате со своите бирачи. Не верувам дека тоа ви беше потребно, а уште помалку ви е потребно да се карате со Европа. Но ништо за тоа. Не верувам дека тоа некој во Македонија го приметил затоа што таму сите со секого се караат и сите се во право.
Тоа е секако само надворешната, формална страна на вашиот настап. Но формата многу често ја одразува суштината. А суштината и причината на вашиот настап е претпоставувам вашата фрустрација со вистинската бура што ги предизвикаа изјавите на тенденциозните читатели/интерпретатори на историјата, познатите професори, борците за “објективна” вистина по бугарска мерка, професорот Малевски и познатиот среброљубец и профитер/корупционер Бучковски.
За “објективноста и вистинитoста” на нивните ставови веќе говорев и не би се задржувал тука повеќе на тоа. Погледнете го мојот исказ од пред неколку дена на порталот Плус Инфо под наслов “Разочарувачки површно, лефтерно и штетно читање на историјата”. https://plusinfo.mk/razocharuvachki-povrshno-lefterno-i-shtetno-chita-e-na-istori-ata/ Тука само би прашал зошто книгата на Мисирков “За Македнските работи” каде што тој јасно вели “Јас сум Македонец и интересите на мојата татковина се претствуваат тука”, била забранетa и поголемиот дел од тиражот запленет? Би можел и уште повеќе да говорам на таа тема и за таа проблематика. Но фактие говорат повеќе сами за себе.
Предмет на мојот дискурс овде е пред се нешто друго. А тоа нешто друго се вика ревизија на историјата. Особено на Антифашистичката историја што е во тек последниве години во Европа. Таа ревизија и постмодернистичко фрагментирање на реалноста кои создадоа простор и услови во кои се може да биде вистина. А ако тоа не нивната вистина, тогаш вие сте ставени во кафез и готови за отстрел ако не ја прифатите нивната висината. Кутрата вистина каде што се може да биде вистина, што би рекол познатиот полски сатиричар Јиржи Лец.
Дали господине Пендаровски сте се запрашале зошто Денот на победата над Фашизмот, 9 Мај, е преименувам во ден на Европа? Ова не е мој евроскептицизам туку само подигнување на тепихот под кој има многу валканици.
Затоа проблемот на јавниот дискурс и критиките упатени на адреса на професор Малески, во суштина е лажен проблем околу кој се глодаат македонците денес во Македонија. Проблемот не е нашиот идентитет, не е тоа дали сме македонци или не сме, дали постои македонски јазик или не, туку дали се тие правно, повторувам, дали се правно верификувани надвор. Освен верификацијата на Македонскиот јазик кој е одамна потврден во документите на ООН и кој е многу проблематично споменат во Преспанскиот договор, никаде на друго место не е спомнат македонскиот колективен идентитет. Тој не постои.
И ве молам не мешајте нација како политички ентитет, како држава, со народ. Тоа е нешто сосема друго. А и државата со тоа име Македонија, како таква веќе не постои. Што би рекле писателите и уметниците, авторските права ги продадовме, кака некоја рок песна на пример, која може пак некој да ја компонира, и сега авторските права на името Македонија ги има само Грција.
Прочитајте го уште еднаш Преспанскиот договор. Ако не ми верувате мене, а не сакате советници кој само ќе ви ги аминуваат ставовите, имате сериозни експерти по меѓународно право. Повикајте ги ве молам на консултации. Разговарајте со нив. Не со политичари. Со реномирани правници и професори по меѓународно право од светот. Тие треба да ви бидат советници. Во тој идентитетски контекст, јас секако можам да се изјаснам индивидуално како сакам.
Јас сум на пример 50% Италијанец, 15 % Македонец, 5% Албанец, и сето тоа не ме ограничува во моите настојувања да ги гледам аргументине и фактите од сите страни за да дојдам до висината. И тоа го правам не ревизионистички исклучиво и авторитарно, со минато вековни идеи и пристапи како што тоа го прави бугарската “демократска” “проевропска власт”, со своите уцени и забрани, со положување на балвани на македонскиот пат кон Европа туку, туку со анализирање и интерпретирање на фактите во историски контекст, со компаративни анализи, и секако со проверка на повеќе извори.
На ова ниво, сметам дека вашата острица и критика на Европската Унија и одбраната на непримерно однесување на вашиот советник се не само непродуктивни туку и штетни.
Зошто? Пред се затоа што исказот на вашиот советник, како и да е кажан, со самото тоа што е тој ваш официјален државен советник, во дипломатијата не се смета за негово приватно мислење. Го сакале вие тоа или не тоа секаде се подразбира и се толкува како официјален став. Проблемот станува уште поголем кога се знае дека тој исказ е даден за медиум на земја која официјално го проблематизира постоењето на македонскиот јазик и народ. Кога Советник на Претседателот на Републиката брани еднострано, некои непотврдени, сомнителни вистини, тоа не е веќе негов личен став од кој претседателот треба да само да се огради.
Тоа се основи на дипломатијата, каде и што треба да се говори јавно. Да е тоа речено меѓу вас во вашиот кабинет, тоа е сосема друго нешто. Затоа, тоа e сериозно прекршување на професионалните дипломатски норми и загрозување на безбедноста на државата.
Такво однесување е непознато во историјата на дипломатијата и во сите серозни држави бара најмалку негова оставка, а ако не, вашето откажување на соработката е императив. И тоа не е прашање на демократија туку морален професионален чин и обврска на институцијата претседател на државата.
Но да го погледаме случајот од еден друга агол. Дали сте помислиле господине Пендаровски што ќе се случи ако Бугарите успеат да ве условат да ги прифатите нивните барања да не се споменува македонскиот јазик и народ во документите на ЕУ. Да успеат да го направат тоа што дрската грчка дипломатија ви го направи и ве примора да ги прифатите сите нивни барања онака како што се формулирани со членовите во преспанскиот договор?
Дали сте го предвиделе следниот чекор после такво нешто. Дали на Бугарските неофашисти тоа може да им биде мост кон целосна забрана на македонскиот јазик и народ, нивно бришење од лицето на светот, и потоа негова асимилација во Бугарија. Што ќе се случи ако утре ви ја забранат употребата на македонскиот јазик на сите нивоа, ако ви забранат да се говори и пишува на македонски мајчин јазик на кој секој има легитимно човеково право.
Што ќе се случи ако почнат да ги затвораат и малтретираат луѓето за зборување или изјаснување дека се Македонци како што е тоа сеуште случајот во Грција. И за жал Македонија цинично се откажа од нивното постоење. Исто како што владата на ДПМНЕ под Љупчо Георгиев го стори со Макодонците сонародници во Пиринска Македонија, а која сега ДПМНЕ полдо молчи. Тоа ли е тој наш хуман однос кон своите сонародници?
Ако се случи нешто такво, а никој не знае денес што ќе се случи утре, тогаш слободоумните и либерални, добри и дарежливи Македонци, можат да се удираат во гради колку сакаат дека никој не можи да им забрани како да се чувствуваат, можат да викаат на сет глас “Jас сум Maкедонец…” да чувствуаат и да не мислат. Но тоа ништо нема да им вреди тогаш. Ќе ги нема во книгите. Правно нема да постојат. Правно тој нивен колективен иднетитет не е верфицираан и затоа никој не ги ословува така како македоници во светот и Европа. А тоа, правото, се важи и е прв предуслов за во Европа во која сакаме да влеземе.
И тогаш, кога ќе ги нема тие Македонци никаде, ќе се најде некој новинар кој ќе ги нарече Бугари и некој иден дипломат ќе потврди дека е тоа точно.
Господине Пендаровски чувајте се од пријателите, а непријателите ги знаете и држете ги на дистанца. Погледнете што ви се тркала зад брдото и зад далечниот хоризонт на надеж што ви го нудат.
Почитуван Господине Пендаровски во своето интервју велите дека приоритет ни е ЕУ. Точно. На Македонија и е таму местото. Тоа го заслужува. Некои од нас поголемиот дел од својот живот сме го посветиле на таа мисија. Меѓутоа сметам дека не може човек да зборува за иднината ако не го познава и не го почитва сопственото минато и ако не се бори за себепознавање во светот.
Токму затоа во оваа атмосфера на зајакнат екстремен национализам насекаде низ Европа и во време на повторното марширање на фашизмот насекаде околу нас, а посебно во Бугарија и Грција, нешта кои сериозно ги загрозуваат и нашата егзистенција како класни битија и како етнички битија и заедници треба да се биде серозно внимателен и предострожен. Кога бескрупулозно се газат нашите човекови права, особено се газат колективните права на луѓето кои се нарекуваат Македонци, како што тоа брутално го прави Бугарија во моментов со своите небулозни барања, a вашиот советник Малевски сесрдно тоа го оправдува во некое има на некаква имагинарна и илузорна добрососедска соработка и објективна вистина, морам да кажам дека сум сериозно загрижен за иднината на Македонија и за нејзините граѓани Македонци.
Од тие едноставни причини, мислам дека ќе биде далеку попродуктивно, наместо да ги гасите распалените огнови на меѓусебни кавги и раздор меѓу македонците, што вашиот советник така непромислено ги запали, да се свртите серозно во директен и бескомпромисен разговор со вашиот пријател во Софија и да ги браните македонските интереси пред се, првин таму а после на друго место. А тоа е: правно верифицирање на постоење на македонски колективен идентитет, на македонскиот јазик и на државата Македонија. Проблемот е таму, и во вашата дипломатска вештина.
А за тоа ви треба и поддршка и добар, голем вистински дипломатски тим, составен не само од самодоволни дипломати, и неуки јуноши лиезони со ЕУ, туку од вистински стручњаци од повеќе области. Од вистински некорумпирани стручњаци за јазик, историја, уметност, култура, образование, антропологија до многу други. И тоа никако не треба да се партиски доушници и манипуланти. Дали сте размислувале дека ви е можеби потребен некој психолог или проценувач на карактери (character profiler) на пример?
Се надевам дека овој поглед од страна ќе ви помогне во ефикасното вршење на вашата должност Претседател на Македонија и дека тоа ќе го правите во нејзина корист и за нејзиното добро.
Благодарам на вниманието.
Срдечно,
Наум Пановски
П.С. Ако ви пречи зошто не го употребувам терминот Северна, сакам да ви кажам дека како граѓанин не сум обврзан на тоа.
3 Maj, 2020. Њу Јорк