Игор Џамбазов откри што планира да направи кога ќе заврши се: Ќе се затворам во соба и не излегувам со недели

0

Игор Џамбазов е познат македонски глумец, забавувач, ТВ-водител, музичар, писател, режисер на музички спотови и текстописец.

На само 12 години, во 1975 ја формирал својата прва група ПОП и со неа активно ординирал по скопските гаражи и атомски скривници. Уметничката атмосфера која владела во семејството Џамбазови мошне рано го внела во светот на музиката. Петнаесет години подоцна д-р Васил Тупурковски ја промовирал летната култна скопска атракција Хавана Бенд во кој настапувале:

Игор, Горан Атанасов – Зеко и Сашо Пижевски – Пиже и за неколку месеци од своето постоење реализирале три снимки: „Дај ми, жити све…“, „Нема спас“ и „Шток ми, бејби“, кои никогаш, во интегрална, студиска верзија не биле официјално објавени на некаков носач на звук.

Освен на касетата Поп-рок хит ’91 (на МКПМРТВ), каде во друштво со најголемите македонски хитови се најде и Шток ми, бејби, една од подобрите песни во таа 1991 година. Песните, чиј комплетен автор бил Џамбазов биле снимени во студиото на Тоше Поп Симонов.

Игор Џамбазов за новиот број на „Убавина и здравје“ се јави од Дојран каде веќе еден месец е во изолација.

Се обидувам здодевното да го претворам во забавно. Во вакви ситуации, човек влегува во некаква шема, машина, што и да е.

Со оглед на тоа дека сум во Дојран, некои работи сами по себе ја ублажуваат тензијата. Доволно е само да погледнеш кон езерото, мирно како тепсија, врз него сонцето се распослало како прекривка и таму, во далечината, огромната Беласица, на чии врвови сѐ уште има снег. И сето ова влијае на мојата креативност, па затоа пишувам.

Правам и по една утринска прошетка покрај езерото, дишам чист воздух и… тоа. Навечер, со моите домаќини -витамински салати, телевизија и кревет…

Попусто ќе препорачувам книги, кога знам дека филмовите се поинтересен избор. Препорачувам три филма. „Седам и по“, српски филм со неверојатни приказни, потоа „Лет над кукавичиното гнездо“, според мене сѐ уште најдобриот филм на сите времиња, и од македонските филмови ви препорачувам еден за кој сум сигурен дека малкумина го гледале „Боли ли?“, или „Does It Hurt?“. Ќе ме видите и мене таму.

Кога ќе заврши сѐ, ќе се затворам во соба и не излегувам со недели, да одморам малку од коронава (ха, ха, ха), па ќе се обидам да го направам она што ќе биде предизвик за сите нас – да се вратиме во нормала. Ќе биде многу тешко, ама времето е најдобриот лек.

Порака од мене: Седете дома. Го спасувате и својот и животите на другите луѓе. И да знаете дека ова седењево дома еден ден ќе ви недостига.

Претходна статијаДокторот Вајс: Луѓето не сфаќаат дека само една работа може да ги спаси од Корона
Следна статијаПристигаат позитивни сигнали – Една од соседните држави на Македонија најави отворање на границите