Гордана Силјановска: На повидок е четвртиот Илинден

0

Статус на професорката Гордана Силјановска:

„МАКЕДОНЧЕТО“

Што не ќе чуеме, ние, Македонците, за себе? Што не ќе „дознае“македонскиот народ за својата историја од други, кои „подобро го знаат“ од него самиот? Што не ќе доживееме ние, македонските граѓани од луѓе кои „ длабински не осознале и запознале“, кои се „информирани“ дури и од странски и домашни весници, знаат „што е најдобро“ за нас, sui generis „мултиетничкиот народ“, ни демос ни етнос, чија „светла“ иднина „ја насетуваат“ и „предвидуваат, ако слуша и извршува.

„Европеизираните“ грчки и бугарски политичари и нивните историчари, откако ја ДЕНАЦИОНАЛИЗИРАА нашата историја, прекројувајќи ја, со помош на „проевропските“, (не)македонски, коооперативни супер реалисти /надреалисти, веќе 30 години не охрабруваат да не гледаме назад, оти сме биле изгубени во историската темнината до непрепознавање, стоички да ги издржиме нивните логични и неопходни „европски“ диктати, да ја пребродиме „ НУЖНАТА“ ПОНИЖУВАЧКА СЕГАШНОСТ и да го пречекориме Рубикон, за нашите деца и внуци да се најдат на ЕУ почва.

Ама, НИЕ сме ЖИВИ сведоци за точноста на Орвеловата теза дека : „Тој што го контролира минатото, ја контролира иднината. Тој што ја контролира сегашноста, го контролира минатото“.

Ние, односно „оние“, кои говорат во наше име, се откажаа од ТОВАРОТ на минатото. Како сенка, или вејка сме во ГРДАВА И БОЛНА сегашност. По „иднината“ трчаме и ја бркаме како малиот Петрос Г. Воцис (Петре В’Чков), месечината во „Македончето“, а таа, како и нему, кога ни е на дофат, ни бега…

Желна и жедна да си ги ужива плодовите на трудот СЕГА И ТУКА, ги препрочитувам ПАРЕНЕЗИТЕ и МАКСИМИТЕ на Шопенхауер за ставот кон самите себеси, укажувајќи ни, на животната потреба од рамнотежа на сегашноста и иднината.

За него, оние кои живеат премногу или САМО во иднината, се однесуваат како мудреци, кои, и покрај старомладиот израз на лицето, личат на МАГАРИЊАТА во Италија принудувани да трчаат напред , поради тоа што, на главата им врзуваат сноп сено што тие го гледаат пред муцката и сакаат да го дофатат!

САМО СЕГАШНОСТА Е ВИСТИНИТА И ИЗВЕСНА! Токму РЕАЛИСТИТЕ, ВДОМЕНИ во „УДОБНАТА СЕГАШНОСТ“ материјално и интелектуално, најмногу зборуваат за иднината, кога го подржуваат диктирањето на македонската национална историја од соседите, кои што го злоупотребуваат привилегираниот европски статус, однесувајќи се како „чувари“ на ЕУ портата, кои неевропски ве условуваат, недозволувајќи ви да го пречекорите прагот!

Од новинарот – директор во МЕПСО , г-дин Зиков, дознаваме дека во 1990 година „најмалку 60 % “ од македонските граѓани биле против независноста на Македонија и нејзиното одвојување од Србија?!

Значи ли тоа дека власта го фалсификувала резултатот од референдумот на кој, споредено со другите референдуми на југословенските простори најголем број граѓани гласале „ ЗА„? На прашањето :

„Дали сте за СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА држава МАКЕДОНИЈА, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“: од 1. 495 807 граѓани , запишани во Избирачкиот список, гласале 1. 132.981 или 75, 74% од електоратот! Дури 1. 079 308 или 72, 16 % од вкупно запишаните гласале „ЗА“, или 95,26% од излезените. Против гласале 39639, или 3, 50% од излезените. Регистрирани се 13648 неважечки ливчиња, или 0, 91.

Дознаваме дека: најмалку 50 % од политичките партии биле против одвојувањето од Југославија, односно Србија?!

Република Македонија се конституира како самостојна и независна држава врз база на два документи: Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија од јануари 1991 и Декларацијата за потврување на изразената воља на граѓаните за суверена и самостојна држава, усвоена по рферендумот од 8 септември, 1991. Првиот документ го донесе Собранието на Република Македонија, по парламентарни избори од 1990 година. Сите парламентарни политички партии, без оглед на етничката боја застанаа зад него, што значи, го подржаа осамостојувањето!

Г-дин Зиков ни сугерира: „Признајте си како помина денот на референдумот“ од осми септември 1991?

Признавам, поминав како на ТРЕТ ИЛИНДЕН, достоинствено, свечено, гордо, свесна дека правото на самоопределување важи и за нас. Бев убедена дека зборовите на Панко Брашнаров за самостојна македонска држава се остварија.

Бев горда на првиот и најдобар собраниски состав, во кој мнозина ГИ ПРЕТТСТАВУВАА макеонсите граѓани и гласаа по свое, а не по партиски диктат. момент, заборавив дека генералот Благоја Аџиќ и ЈНА сеуште се тука. Впрочем, нема потреба од многу зборови, сликите од избирачките места и од прославата на плоштадот Македонија доволно го документираат нашето расположение, а годините што следеа со восхит не навраќаа на најважниот датум од поновата историја на Македонија.

Дознаваме дека МРТВ, по налог емитувала македонски национални песни, како загревање за „усогласениот“ резултат! Кој го „договарал“ резултатот: Глигоров, Љупчо Георгиевски, Андов, Кљусев , Гошев…. ? Тие беа усогласени по прашањето уште претходно. Народот „го договори“ резултатот, масовно гласајќи „за“. Очигледно и Благоја Аџиќ реално ја прифати македонската реалност.

Се разбира дека во амбиент во кој опасноста од војната беше во воздухот , секој имаше многу дилеми, многу прашања и малку одговори, ама по „бришењето“ на Првиот Илинден, обезличувањето на Вториот, сега и на Третиот ли се окомивте? Зарем не сте свесни дека со ова ги одобрувате бугарските ултиматуми, неспојливи со европските вредности?

Очигледно е дека некому му пречи референдумскиот резултат од осми септември 1991 година за самостојна и независна Република Македонија? Референдумот за самостојна и независна Македонија ли е е следната мета на демакедонизаторските куршуми? Пукаат во празно, оти на повидок е ЧЕТВРТИОТ ИЛИНДЕН!

Претходна статија(ВИДЕО) Тие се нашите херои: Наместо скара и одмор, со скафандер и пуна анти-корона опрема
Следна статијаПотсетување на објавата од „Њујорк тајмс“ за ослободувањето на Пиринска Македонија од Ванчо Михајлов