„40 години сум во Охрид, но никогаш не бил вака празен – жално е, но пандемијата е појака од нас“

0

Поради пандемијата со коронавирусот во Охрид за продолжениот првомајски викенд ги нема туристи од нашето соседство и подалечните земји, најбројни на ривиерата се домашните гости и тоа оние кои имааат свои викенд станови и куќи.

Затворени се хотелите, рестораните и кафетериите ја нема онаа празнична атмофера кога се барало место повеќе во сместувачките капацитети. Денешниот неработен ден граѓаните го користат за прошетки покрај кејот на езерото и традиционалната скара, но оваа година прилагодени на мерките за спречување на Ковид-19.

Од планинарската служба за спасување апелираат до граѓаните доколку одлучат да се движат на планина да бидат свесни дека таму можеби најмалку прети опасност од зараза меѓутоа сите други опасности кои ги демнат и тоа како се присутни.

Откако е прогласена вонредната состојба планинарската спасителна служба интервенирала кај возач на мото крос кој на терен паднал и со сериозни повреди бил транспортиран во болницата Свети Еразмо.

Инаку првомајските празници изминативе години биле предвесник за тоа каква ќе биде сезоната во главниот туристички центар.

Никогаш Охрид за првомајските празнцици не бил попразен од овој 1 Мај. Ако секоја година се бараше место повеќе, особено во приватните сместувачки капацитети, а угостителите имаа полни раце работа, овој пат сликата е сосема поинаква. Рестораните и кафетериите се под клуч веќе два месеци. Кејот покрај езерото денеска беше речиси празен, исто како и чаршијата.

„Чудно е, но спрема ситуацијата, очекувано беше, макар што додека шетав сретнав скопјани кои се дојдени. До 14 часот ќе ги искористат овие три дена, да прошетаат…“

„40 години сум во Охрид, но никогаш не бил вака празен. Жално е, но пандемијата е појака од нас. На Кале живеам и видов дека има и туристи некои, од каде се, што се, не знам.“

Низ градот сепак, можеа да се забележат граѓани од Скопје и од други наши градови кои во Охрид и околните села имаат станови или викенд-куќи.

„Од Скопје сме и ќе бидеме овде сигурно седум дена. Имам тука куќа. Во Лескоец. Обично секој месец доаѓаме. Имам двор убав, седиме, ќе правиме скара.“

„Тука сме малку да одмориме на воздух. Два-три дена ќе бидеме. Не паметам вака да бил Охрид никогаш. Но,, се надеваме на подобро. Скара ќе правиме во дворот.“

А, за 1 Мај, бродовите и помалите пловни објекти кои отсекогаш на овој ден не можеле да постигнат да ги услужат сите гости денес беа закотвени на брегот.

„Оваа година ќе биде тотално промашена за нас, на кои единствена егзистенција ни е само оваа работа, бидејќи немаме други приходи“, изјави Зоран Анѓелоски-бродар за Алсат М.

Претходна статија(ВИДЕО) Цацко е цар – легендарниот Бубо Каров откри како се бори против Корона вирусот
Следна статијаГолеми се шансите да видиме море летово кај нашите јужни соседи: Ние сакаме луѓето да дојдат во Грција