Венко Филипче информираше дека лидерите на двете најголеми политички партии во нашата земја, Зоран Заев и Христијан Мицкоски од денеска се во задолжителна домашна изолација, по информацијата која ја доби Министерството за здравство дека еден новинар од телевизиски медиум е позитивен на Ковид-19 вирусот.
Тој новинар во текот на минатата недела имаше ТВ интервјуа со лидерите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, и Мицкоски и Заев се тестирани на коронавирусот.
Резултатот на Христијан Мицкоски, кој беше изработен доцна синоќа е негативен, но тој ќе биде во задолжителна самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заболениот. Во овој момент нема потреба од посебни епидемиолошки анкети за неговите контакти.
Резултатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со оглед на тоа што тој синоќа веќе беше заминат за Струмица, ќе биде готов во текот на денешниот ден, но и тој веднаш по добивање на информациите е ставен во домашна изолација.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на социјалните мрежи информираше дека се наоѓа во домашна самоизолација во Струмица.
,Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица.
Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот – по што ќе се утврдат следните чекори, пишува на ФБ профилот на Заев.
Тој и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, имаа интервјуа со ист новинар минатата недела.
о овој момент сум во одлична здравствена и физичка кондиција, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски откако министерот Венко Флипче објави дека тој и Зоран Заев се ставени во задолжителна самоизолација поради контакт со заразен новинар.
„Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни.
Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место. Продолжувам од мојот дом да ја следам актуелната состојба.
Да им даваме поддршка на оние кои се во првата линија против пандемијата. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите оние кои пројавија интерес за моето здравје.
И понатаму активно ќе се бориме против пандемијата која донесе тешка здравствена, санитарна и економска криза. Сигурен сум дека на крајот заеднички ќе победиме затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија. Бидете живи и здрави“, порача Мицкоски.