Марина Наукович: Македонците мислат дека се најдобри во сè, а странците не ги сакаат

0

Некогашната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров и македонска репрезентативка, Марина Наукович Ламбевска, по настапите во нашата земја, се врати во нејзината татковина.

Таа за рускиот „Брз Центар“ се присети на времето поминато во Македонија и за трансферот во Кометал.

„Не сакав да си одам од Подравка, но имав потпишано преддоговор со Кометал Ѓорче Петров. За да останам во Хрватска, бев подготвена да им ги вратам парите на Македонците што ги платија за мене, но тие не се согласија.

После половина година од моето доаѓање, Кометал остана без спонзор и се распадна. Во Скопје играа украински ракометарки и се беше нормално до тој ден, кога од клубот си замина спонзорот, па во екипата останаа само домашните ракометарки“, вели Наукович.

Русинката стана македонска снаа, а нејзиниот сопруг ја забележал на претходните гостувања на нејзините поранешни екипи во Скопје.

„По заминувањето од Кометал се омажив, решив да го оставам ракометот и да родам дете. Се беше одлично, но по нашето доаѓање во Волгоград се покажа дека овдешниот живот него не му одговара и беше носталгичен по татковината, па така завршивме со развод“, продолжува Наукович.

Левиот бек настапуваше и за македонската репрезентација на Светското првенство во Франција во 2007 година.

„Селекторот на Русија, Трефилов, имаше принцип да не ги повикува во националниот тим ракометарките што не играат во домашното првенство, бидејќи не може да ги види на дело, па затоа јас решив да заиграм за Македонија.

Но тоа не беше баш лесно. Домашните ракометарки сметаа дека играчите од поранешните советски републики им ги земаат местата, па имаше многу конфликти. Таков е македонскиот менталитет, се сметаат за најдобри во се, а странците не ги сакаат.

За победа, тимот мора да има заедничко разбирање и доверба. Но кога во лице ти кажуваат убави работи и ти се умилкуваат, а потоа може да ти забијат нож во грб…тоа не е за мене“, завршува Наукович.

Целата сторија проследете ја на 24ракомет.мк

Претходна статијаЕдна од најпознатите авио компании која лета до и од Македонија објави до кога нема да извршува летови
Следна статијаПристигна најава до кога нема да може да се патува во Германија