САД активно работат заедно со земјите од Западен Балкан, како и со партнерите во Европа за да помогнеме во глобалниот одговор на актуелната глобална закана, истакна американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер на он-лајн видео конференција
„Дипломатија во кризни времиња и други алатки за влијание во Југоисточна Европа во доба на КОВИД-19″ што ја органзираа Економскиот форум во Делфи и Атлантскиот совет, на која учествува и шефот на дипломатијата, Никола Димитров.
– САД веднаш издвоија значителни средства за помош низ целиот свет. Дел од средствата се директна помош за земјите од Западен Балкан, а дел одат преку меѓународните институции за борба со пандемијата. САД се најголем поединечен контрибутор во меѓународните институции, вклучувајќи го системот на ОН, како и во Светска банка, ММФ, ЕБОР кои сега преземаат мерки за помош и поддршка на економиите во кризата од пандемијата.
Подршка стигнува и од американските граѓани и компании како Кока Кола, Микрософт, ИБМ, рече Палмер, посочувајќи оти Гугл помогнал за креирање на информативен сајт за Ковид-19 во Македонија.
Таа подршка, вели Палмер, е двонасочна – и земјите од регионот и помагаат на САД. Со заедничка соработка и солидарност беше направена репатријација на граѓаните затекнати во други земји.
– Тоа е манифестација на партнерство и солидарност. САД се во регионот и во Европа и стојат рамо до рамо со своите партнери и сојузници и активно работат за заеднички одговор на актуелниот предизвик со пандемијата на Ковид-19, истакна Палмер.
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа ја потпиша Уредбата со која се суспензира имиграцијата во земјата во наредните два месеца.
Вели дека одлуката е поради пандемијата на коронавирусот, со цел да ги заштити и граѓаните, како и американскиот пазар на труд.
-Со пауза на имиграцијата, ќе помогнеме да ги ставиме невработените Американци на прво место во работните места, бидејќи Америка е отворена. Би било погрешно и неправедно Американците поради вирусот да бидат заменети со имигранти од странство, изјави претседателот Трамп во Белата куќа.