Резултатите од тестирањето за коронавирус на техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, и на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски се негативни. Тие оваа информација ја споделија на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук.Спасовски во својот пост напиша дека тестот е негативен што значи дека не е носител на коронавирусот.
„Согласно препораките на епидемиолозите, останувам и натаму во изолација во домашни услови. Се придржувам до препораките и советите на лекарите, најдисциплинирано, “ напиша Спасовски.
Тој наведе дека и таму своите обврски ќе ги извршува преку дигиталните алатки во самоизолација.
Градоначалникот Димитриевски, пак, на својот профил напиша дека тој и неговата сопруга на своја сметка направиле тестирања во неколку релевантни лабаратории и дека резултатите од сите тестови се негативи.
Вечерва преку социјалните мрежи се огласи и Министерот за здравство, Венко Филипче:
Штотуку ме информираа дека мојот резултат на тестирањето за ковид-19 е негативен. Иако според проценката на епидемиолозите јас не бев во ризик, сепак одлучив да останам во самоизолација.
Негативниот резултат го добивам на осмиот ден од самоизолацијата во која останувам до истекот на инкубациониот период од 14 дена.
Сите мои активности и управувањето со кризата со коронавирусот во земјата и во изминатата недела се одвиваат непречено. Редовно одржувам он-лајн состаноци со Комисијата за заразни болести, моите колеги, институциите, медиумите и владата. Така ќе биде и во наредната недела.
Им благодарам на сите граѓани на поддршката и во оваа прилика уште еднаш потсетувам дека личната одговорност е предуслов за колективното здравје.
Почитувањето на мерките до сега дава добри резултати. Ако останеме доследни на ова и се прилагодиме кон промените, многу побрзо ќе ја надминеме оваа состојба.