Државниот санитарен и здравствен инспекторат утврди неколку прекршувања во Куманово при тестирањето на членовите на општинскиот Кризен штаб на коронавирус. Градоначалникот Максим Димитриевски, кој беше позитивен на вирусот, ја прекршил самоизолацијата за да дојде во Скопје и да се тестира приватно.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ќе треба да плати казна меѓу 300 и 600 евра затоа што го напуштил домот, иако добил препорака за домашно лекување од коронавирус, соопшти денеска директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова. Истото се однесува и на директорот на Регионалниот Центар за управување со кризи Горан Стојановски.
На заедничката видео прес-конференција со министерот за здравство Венко Филипче, таа рече дека инспекцискиот надзор покажал неколку прекршувања во Куманово.
Лицата од кризниот штаб во Куманово биле тестирани два пати, еднаш на 26 март, сите биле негативни на коронавирус, а потоа на 12 април имало петмина позитивни на коронавирус.
И двете тестирања се изведени како скрининг, без задолжителната епидемиолошка анкета, што е прекршок од Законот за заштита на население од заразни болести. Вториот прекршок е што брисевите им биле земани во просториите на Општина Куманово што исто така е прекршок, рече Сотирова Бухова.
Станува збор за монтиран случај – за кој ќе ги превземам сите правни дејствија реагираше градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски по прес конференцијата на министерот Венко Филипче и Ирена Бухова од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.
Димитриевски вели дека не станува збор за политичка пресметка, туку за различни ставови на Општинскиот кризен штаб и Кризниот штаб со кој раководи Филипче.
Дополнинително Димитриевски порачува дека не треба да се ловат вештерки во здравствениот систем кој надлжените сами го поставиле погрешно.
„Тоа што беше објавено не е точно, за се поседуваме уредна докумантација. Надлежните немаат потреба да бркаат вештерки во системот внатре кој што го немаат поставено така како што треба да биде“, изјави Градоначалникот на Куманово за ТВ Телма.