Повеќе француски регионални политичари ги обвинија САД дека со натплаќање им ги одземаат порачаните заштитни маски во Кина.
Францускиот регион Гранд Ест на границата кон Германија, кој е посебно тешко погоден од пандемијата со коронавирус, ги обвинува САД дека со наддавање ги откупува итно потребните заштитни маски во Кина.
Претседатеот на регионот Гранд Ест, Жан Ротнер, вчера за ТВ РТЛ изјави дека Американците практично „пред нос“ им ги купуваат заштитните маски кои ги порачала Франција во Кина.
„Тие даваат пари во кеш и тоа трипати или четирипати повисока цена од нашата“, критикува Ротнер. Тој не кажа колку маски САД откупиле на овој начин, но истакнува: „Мора да се бориме“.
Владата во Париз засега не ги потврди овие изјави. Франција поради кризата со коронавирусот порача една милијарда заштитни маски во Кина.
Францускиот претседател Емануел Макрон меѓутоа планира да го засили домашното производство на заштитни средства и опрема и до крајот на годината земјата да стане во тој поглед независна од увозот од Кина.
Регионот Гранд Ест, покрај Елзас и Лотринген ја опфаќа и областа на Шампањ-Арден. Според класификацијата на германскиот институт Роберт Кох, тој важи за кризен регион. Како последица на белодробната болест Ковид-19 таму официјално починаа речиси 1600 лица.
Во цела Франција според Министерството за здравство има преку 4.000 жртви на коронавирусот, но во бројката се опфатени само починатите регистрирани во болниците.
Извор: Дојче Веле на македонски јазик