Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска рече дека промената на имињата на две училишта во општина Чаир е спроведена низ незаконска постапка.
„Централниот регистар мора да ја коригира веднаш затоа што не постои одлука на Советот на општина Чаир. Со записник на некој си училишен одбор, надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да си постапат со закон“, рече Заев.
Министерот за образование Арбр Адеми доцна синоќа, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, напиша дека ги потпишал потребни акти двете училишта во општина Чаир да се преименуваат. Според записот од Централен регистар кој го објави Адеми училиштето Никола Вапцаров сега се вика Имри Елези, а Рајко Жинзифов е преименувано во Исмаил Ќемали.
Во 2012 година општина Чаир постави и табли со новите имиња на училиштата, но тогаш Министерството за образование и наука не даде согласност за преименување. На новинарски коментар дека Советот на општина Чаир веќе во 2012 година одлучил за преименувањето Заев побара да се провери документацијата.
„Да ја проверите точно документацијата, оти советот во оваа постапка, како што е предвидена сега, затоа што ова е постапка која е сега тргната, треба да биде комплетирана согласно прописите јасно пропишани во законот“, рече Заев.
Централниот регистар ги смени имињата на двете училишта во Чаир кои со години се користeа како политичка тема. Сепак, останува нејасно како се дошло до тоа. Министерот за образование Арбер Адеми на фејсбук се пофали дека прашањето со имињата на училиштата е затворено.
Адеми ги објави документите на Централниот регистар. На нив се гледа дека основното училиште „Никола Вапцаров“ се преименува во „Имри Елези“, додека „Рајко Жинзифов“ го носи името „Исмаил Ќемали“. Останува нејасна постапката како се официјализирале имињата. Заменик-министерката за образование, Елизабета Наумовска, за Алсат попладнево изјави дека не е запознаена со ваквата одлука и оти тоа не било донесено и со нејзино одобрување. Ќе ја преразгледа за да утврди дали е сè легатимно. Инаку, промената за Алсат ја потврди и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Сепак, не е познато дали овие одлуки поминале и во Советот на општина Чаир, каде траба да се гласа со Бадентерово мнозинство, односно за преименувањето требало да се изјаснат позитивно и најмалку половина од советниците кои не се Албанци.
„Се разбира по препораките од Министерството ние како општество сите процедури ги поминавме. Аплициравме повторно кај Централниот регистар, по периодот за разгледување на сите предмети конкретно и овие два, долг период беа на чекање таму, Централниот регистар и официјално нè извести дека се регистрирани со новите имиња на училиштата. Ние како општина сме многу радосни, бидејќи затвораме проблем кој постоеше долго време и нè засегаше дека треба да го решиме.“-изјави Висар Ганиу, Градоначалник на Чаир.