Владата во изминатите денови презеде низа мерки за превентива од Корона вирусот. Па така, беа затворени училиштата и градинките, укинати бесплатните билети за автобусите, ограничено работното време на кафеаните и рестораните.
Сепак, дел од граѓаните овие мерки си ги сфатија како своевиден годишен одмор, па почнаа да се шетаат по кафиња и пријатели.
„Апелирам да се почитува мирувањето и седењето дома, да не се претвори во масовно посетување на игротеки, како што беше случајот со епидемијата на морбили. Ако одат по игротеки, тогаш мерката нема да има никава смисла. Да се почитува мерката децата да бидат во домашни услови“, рече завчера министерот Филипче.
Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација, во емисијата 24 Отворено на Телевизија 24 даде појаснување за оваа мерка, поточно за одлуката да се ослободи од работа еден од родителите на деца до 10 години.
„Во однос на одлуката за родителите, откако ќе се затворат образовните функции мора да има мерки за згрижување на децата особено оние до 10 години или вклучително со четврто одделение.
Мерката важи само за децата кои посетуваат воспитно-образовна институција. Еден родител треба да да биде ослободен од работа, и да достави потврда дека детето му оди во училиште или градинка. Ова ќе биде платено отсуство, не треба да се зема боледување или одмор“, објасни министерот.
Манчевски додава дека мерката за родителите важи за сите освен за вработените во безбедносниот сектор, здравствениот или полицијата.
„Професијата што сите ја работиме бара ризици и откажувања, во овие моменти треба да покажеме висока општествена одговорност. Во ваква ситуација здравствените установи и безбедносните институции мора да останат со полн капацитет. Доколку двајцата родители се од ваков тип ќе има дополнителни мерки“, вели Манчевски.
Тоа се апелите од надлежните, но и покрај тоа, граѓаните се масовно надвор! На оваа тема се осврна и популарниот водител од утринските емисии, Ване Маркоски:
“Браво” за сите по кафе баровите и рестораните денеска. Тоа што до вчера трубевте за докторката, е тоа сте денеска ВИЕ. Се што како збор го кажавте за неа, да си го препишете на вас денес.
Секој “испрчен” на кафе денес не се разликува по ништо и од тие што избегаа од болница и од докторката и од сите вакви примери.
Таква свест, таква грижа за себе и другите, па тоа е дно. Поддршка за сите наши доктори и здравствени работници, за сите институции за ангажираноста и ажурноста до сега. Со ваков народ, ќе ви треба сила, храброст и издржливост да не заштитите.”