Констатиравме дека границите се одлично заштитени и чувани, рече министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос од Еврос, каде што заедно со политичкото и военото раководство од министерството денеска го посетија граничниот премин со Турција за да ја видат моменталната слика, јави дописничката на МИА од Атина.
Панајотопулос им честиташе на припадниците на војската, полицијата и крајбрежната служба кои „две деноноќија ја вршат нивната должност да ја заштитат неповредливоста на границата на Грција, што е и граница на Европа“.
-Границите се чуваат, би рекол, на одличен начин. Луѓето овде, силите се зајакнати, прават сѐ што е потребно за да ги заштитат границите на Грција, истакна министерот за одбрана на Грција и додаде дека доколку биде потребно ќе има и дополнително зајакнување на силите.
Во однос на бегалци и мигранти кои се собрани на грчко- турската граница, Панајотопулос рече дека претпоставува дека бројката варира, но „сигурно е дека постои организирано пренесување кон границата“.
Министерот за одбрана на Грција рече дека не стапил во контакт со неговиот турски колега
Состојбата на нашата јужна граница е непроменета. Полицијата е постојано присутна и подготвена, а граѓаните немаат причина за загриженост, посочуваат од Министерството за внатрешни работи.
Сосотојбата на јужната граница е непроменета. Имаме стандардна бројка на обиди за нелегален влез во нашата држава. Граѓаните немаат причина за загриженост. МВР, односно нашата полиција е подготвена и постојано присутна на јужната граница. На нашите полициски службеници веќе неколку години им помагаат и полициски службеници од неколку пријателски држави и со заеднички сили се справуваме со сите нелегални обиди за влез, вели портпаролот на МВР Тони Ангеловски во изјава за медиумите.
Ситуацијата на бугарско-турската граница денеска е мирна, а бугарската Влада тврди дека не ја минал ниту еден илегален мигрант.
Спречени се само спорадични обиди за преминување на границата, пренесува БГНЕС.
– Во моментов ситуацијата е мирна, изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, додавајќи дека е политика на Бугарија е да не се дозволи влегување на мигрантите.
Бугарија во петокот распореди дополнителни трупи на границата со Турција, а Каракачанов најави распоредување на дополнителни 1.000 војници во случај на потреба