Бидејќи северниот дел на Италија во моментов е жариште на коронавирусот во таа земја, од Генералниот конзулат преку соопштение и поради сериозноста на состојбата со COVID-19 издадоа неколку препораки.
Имено, се препорачува македонските граѓани да не патуваат во следниве региони и провинции: Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција а се посочува и да се избегнува непотребно патување и во другите делови на Италија.
„За оние граѓани кои веќе се наоѓаат во Италија, препорачуваме зголемени мерки на претпазливост во секое време, да се следат локалните медиуми и упатствата на локалните власти.
Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.“, посочуваат од нашиот Генерален конзулат во Венеција кој поради и понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации.
Во таа насока се одложува фотографирање на граѓани за нови патни исправи. За подетални информации околу развојот на состојбите, македонските граѓани кои се наоѓаат во Италија, можат да го контактираат Генералниот конзулат во Венеција на + 39 389 5837913 или [email protected].
Состојбата на двајцата сопружници заболени од корона вирусот кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е стабилна.
Стабилна е и првата заболена пациентка, чиј последен контролен тест беше негативен, но во текот на утрешниот ден ќе биде направен уште еден тест за да се потврди резулатот, односно да се потврди дека таа повеќе не е инфективна.
Во вторник, 10 март, истекува перидот на изолација на сите сопатници кои на 26 февруари пристигнаа со првата заболена пациентка. Тоа е практично 14-иот ден на кој ќе биде направена темелна евалуација од страна на епидемиолозите, а по што ќе биде прекината или продолжена изолацијата соодветно на секој поединечен случај.
Во текот на вчерашниот ден, ДЗСИ ги подели решенијата на сите патници и блиските контакти на заболените кои на 27 февруари пристигнале во земјата. Решенијата подразбираат здравствен надзор и контрола на домашната изолација во соработка со полиција, а за непостапување по решението следуваат правни санкции.
Согласно новата состојба и мерките кои ги презеде италијанската Влада во текот на утрешниот ден по состанок со Комисијата за заразни болести и формираниот комитет за следење и информирање за состојбите со коронавирусот, а во консултација со сите релевантни институции, ќе информираме за евентуални нови мерки за превенција и заштита од понатамошно ширење на вирусот.