Од осумте тестирани пациенти на корона вирус попладнево, тројцата членови на семејството на сопружниците од дебарско се позитивни, а останатите петмина се негативни на корона вирусот.
Позитивните пациенти, од петокот, 6 март, беа во домашна изолација со решение за ДСЗИ, а од вечерва ќе бидат хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.
На коронавирус се негативни: лицето кое на 26-ти минатиот месец престојувало во Бугарија, неговата сопруга, патникот од Сингапур, наш државјанин кој пред 3 дена се вратил во земјава, едно лице од Гевгелија и едно од Дебар.
Министерот Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати апел информациите да се црпат исклучиво од Министерството за здравство, поради тоа што лажни информации креираат паника и не треба да се користи оваа ситуација за добивање дневнополитички поени.
„После сместувањето на пациентката, докторката на Клиниката за инфективни болести, уште двајца членови на нејзиното семејство се во домашна изолација, интервјуирани се сите вработени, како и пациентите на Клиниката за дерматовенерологија и со решение од ДСЗИ сите ќе бидат во 14-дневна домашна изолација.
Тоа се 64 вработени, како и 11 пациенти кои што биле хоспитализирани и кај кои лекувањето може да се продолжи во домашни услови и 13 пациенти кои што се лекувале во изминатата недела во дневната болница, што значи дека доаѓале за да примат терапија. Иако сите се со различен степен на ризик од мал/среден/висок, согласно интензитетот на контактирање со заболената докторка, сметаме дека треба да се преземе оваа мерка за апсолутно сите кои биле и во најкраток контакт со неа“, потенцираше министерот Филипче.
Во текот на викендот се одржала и конференција на дерматовенеролози, на која присуствувале вкупно 103 лица, дел од нив вработени на клиниката. Сите тие се исконтактирани телефонски, кај дел од нив е спроведено и интервју од епидемиолозите, и кај нив исто така дадена е мерка домашна изолација.
Помеѓу нашите гости имало и тројца од Грција, за што министерот Филипче лично го известил грчкиот министер за здравство за нивниот идентитет. Салата каде што се одржувала конференцијата е целосно дезинфицирана, согласно прописите, а истото е случај и со клиниката од страна на соодветната служба.