Министерството за надворешни работи, врз основа на официјалните мерки и препораки, упатува апел до сите државјани на Република Северна Македонија кои живеат или престојуваат во земјите со висок и среден ризик да го одложат доаѓањето во Северна Македонија во овој период.
Министерството за надворешни работи продолжува будно да ја следи состојбата со COVID-19 во и вон земјата преку дипломатско конзуларните претставништва и останува во постојана комуникација и координација со останатите релевантни институции во државата.
Министерството за надворешни работи повторно апелира во целост да се почитуваат и следат официјалните владини мерки и препораки.
Пред се ова важи за нашите државјани кои ги има во голем број во држави како Италија, Германија, Франција, но и Шпанија кои се високо ниво на ризик. Во оваа група спаѓаат и Кина, Иран и Јужна Кореја каде бројот на Македонци е незначаен мал.
Рестрикции за странските државјани кои доаѓаат во земјава, се воведуваат како последица на коронавирусот.
Ова е една од последните мерки кои се усвоија на последната владина седница а со која им се забранува влез на територија на Република Северна Македонија на странски државјани кои доаѓаат од земјите со висок ризик.
Земјите, да потсетиме со висок ризик се одредуваат согласно Листата на Светска здравствена организација и се објавуваат на веб страницата на Министерството за здравство.
Сепак, право за влез ќе имаат оние странци кои ќе приложат потврда издадена од надлежен орган за спроведен карантин.