Министерот за здравство, Венко Филипче по вторпат денес се огласи на социјалните мрежи по повод актуелната ситуација со Корона вирус.
До 16:00 часот дијагностицирани се 6 нови пациенти, заболени со коронавирус.
Се работи за едно девојче од Штип на 4-годишна возраст, кое се инфицирало во градинка во Англија. Семејството се вратило во земјата на 14 март и било во домашна излоација. На тестирање се јавиле вчера, два дена откако девојчето ги почуствувало првите симптоми.
Во Дебар се регистрирани 3 нови случаи на коронавирус, тестовите се направени во рамките на скринингот.
Во Скопје е регистриран 1 случај, контакт на претходно дијагностицираните.
И во Гостивар е потврден случај на коронавирус. Се работи за жена вратена од Швајцарија која била во домашна изолација. На тестирање се јавила сама, а на епидемиолошката анкета навела дека имала контакт со заболен во Швајцарија.
Во моментов се тестираат 35 лица, кога ќе бидат готови резултатите ќе ја известиме јавноста.
Во своето прво денешно обраќање, Филипче кажа дека утрово не се регистрирани нови заболени пациенти со коронавирус во земјата. Доцна синоќа, во рамките на скринингот, направени се тестови на 22 лица со поширока индикација. Сите 22 теста се негативни на вирусот.
Бројката на заболени со вирусот во земјата е 42 лица. Пациентите се стабилни и кај ниту еден нема влошување на состојбата.
Во текот на денот епидемиолозите ќе работат на мапирање на контактите на пациентите кои вчера беа дијагностицирани на коронавирус, а на служба во Дебар заминува педијатар од Скопје. Во авионите кои вчера пред затворање на аеродромот слетаа во Скопје немаше патници суспектни на болест. Сите патници се во задолжителна само-изолација.