Горан Пандев, македонскиот репрезентативен капитен одново беше херој на Џенова во новата победа во Серија А. Клубот од „Луиџи Ферарис“ успеа да го совлада Милан на гостински терен и да побегне од опасната зона за испаѓање.
Веднаш по мечот во јавноста пристигна критика за нашиот интернационалец. Истата ја упати министерот за спорт на Италија, Винченцо Спадафора, кој го осуди однесувањето и прегратките на Пандев кон своите соиграчи при славјето.
„Пандев даде лош пример на средбата во Милано. Во денешно време, кога коронавирусот зема огромен замав, тој не требаше така да се однесува и да биде близок со соиграчите. Мора да донесеме конечна одлука за да ги заштитиме Италијанците“, истакна Спадафора.
Неговата порака повикува на претпазливост и обиди на фудбалерите да спречат зголемување на епидемијата, која одзема животи на Апенините.
Пандев стигна до седмата реализација сезонава и полека се доближува до бројката од јубилејни сто погодоци во италијанското првенство.
Италија, пак, почна со изолација на северниот дел од државата, вклучувајќи и делови во Милано и Венеција, откако вчера бројот на смртни слуачи се искачи на 366.
Патувањето во овие делови и надвор од нив ќе биде строго ограничено до почетокот на следниот месец, како што државата се обидува да намали можни смртни слуачи.
Музеите, театрите и кината, исто така, ќе бидат затворени на национално ниво.
Италија побара и пензионираните лекари да се вратат на работа за да помогнат во лекување на заразените.