Влатко Ѓорчев, членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, се пофали дека му е познаник на Марк Медоуз, новиот шеф на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Интересно е дека во текстот на неговиот твитер-профил, Ѓорчев пренесува дека Трамп за личност која ќе раководи со администрацијата во Белата куќа го именувал конгресменот Марк Покан (и го тагнува), влијателен демократ од Висконсин и виден член на групата за поддршка на ЛГБТ-заедницата.
Во текстот подолу, тој сепак му честита на републиканецот Марк Медоуз, кому навистина Трамп му ја доверил оваа одговорна задача.
Ѓорчев во објавата има и заедничка фотографија со Медоуз и со конгресменот Џим Џордан, а покрај честитката за изборот, Ѓорчев изразува надеж дека заедно со нив ќе продолжат да се градат силни односи и пријателство со САД.
Марк Медоуз е четвртиот шеф на кабинетот на Трамп во неговиот мандат. Пред него оваа функција ја извршуваа Рајнс Прибус, генералот Џон Кели и Мик Малвејни.
За Ѓорчев јавноста прв пат слушна за време на студентските протести во 1997 година, кога имаше противење да се учи на албански јазик на Педагошката академија и Универзитетот во Тетово. Всушност од тој период започнува и неговата партиска кариера во ВМРО-ДПМНЕ, чиј член е уште од своите средношколски денови.
Прв сериозен политички настап имаше на дебатна емисија со тогашниот премиер Владо Бучковски чиј начин на владеење жестоко го нападна. Екс премиерот, инаку и професор на Правниот факултет беше видно изненаден од настапот на Ѓорчев кого го нарекуваше младо момче, алудирајќи дека никогаш нема да дипломира.
Нивните дуели продолжија и во Собранието на Република Македонија, а најжолчна дебата имаа за Законот за пушење каде Бучкоски употреби „сочни“ зборови, за потоа да им се извини на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, но не и на самиот Ѓорчев како член на Комисијата за здравство.