Тигар Је (21) од Вухан раскажува дека првите симптоми започнал да ги чувствува кон средината на јануари. Ова е приказната за неговата болест и неговото оздравување.
На 17 јануари почувствував голема слабост во мускулите. Можеби имав и мала треска, но не беше толку силна за да ја забележам. Сега кога ќе се сетам, требаше веднаш да се загрижам, бидејќи куќата каде живеам и јазичната школа каде учам јапонски, се наоѓаат во радиус од 5 км од пазарот за морски плодови во Вухан (од каде што се сомнева дека започна вирусот).
Мислев дека не е ништо страшно, па зедов некои обични таблети против настинка за да ја намалам болката во мускулите. Сега кога размислувам, мислам дека згрешив, бидејќи го пропуштив вистинскиот антивирален третман уште во раната фаза.
Немам претстава како сум се заразил и како сум го добил вирусот. Јас секогаш јадам во истиот ресторан во близина на моето училиште. Во тој период не одев често затоа што беше многу студено и бидејќи бев многу уморен, после часовите се враќав дома.
Откога започна паузата од семестарот, останав кај моите родители, а не во студентскиот дом. Почнав да носам маска неколку дена подоцна, кога видов дека сите други околку мене ги носат.
До 21 јануари се чувствував сè уште болно, па му се јавив на татко ми. Тој се посомнева дека нешто не е во ред, па ме повика веднаш да си дојдам дома.
Таа вечер мерев температура и ми покажа не многу висока, како блага треска. Мајка ми ми’ рече, ако температурата не ми се спушти во текот на ноќта, дека ќе одиме во болница. Во 11 часот вечерта, треската не ми помина, па отидов во болницата Тонџи.
Кога пристигнав таму, видов дека болницата е преполна со пациенти. Тогаш за првпат ги видов лекарите во нивните заштитни скафандери, нешто што само го имав видено во документарните филмови за САРС, и сфатив дека навистина нешто сериозно се случува.
Не се изненадив, ниту се исплашив кога ја видов преполната болницата, бидејќи тоа беше една од најдобрите болници во Вухан и секогаш беше преполна. Поради гужвата се одлучив да одам во пулмоналната болница во Вухан, и тоа се покажа како добра одлука. Таму немаше ниеден пациент која јас пристигнав. Веднаш ми направија анализи и тестови на крвта и црниот дроб, како и КТ-скенирање.
Снимките покажаа некои сенки на долните делови од двете белодробни крила. Почнав да земам лекови и капсули кои ми ги препишаа во болницата.
Кога Вухан почна да се затвора, тогаш татко ми ме затвори во карантин дома. Исто така, од гледање на филмови знаев дека ќе ни бидат потребни залихи од храна, па затоа купивме еден куп инстант нудли кои на крај останаа неизедени. Имаше доволно храна во супермаркетот, но единственото нешто што не можевме да го најдеме беа дезинфекциските средства.
Мојата изолација започна на 22 јануари. Во мојата соба имам бања и доста е удобна. Баба ми ми’ готвеше јадења, а кога влегуваше кај мене во соба за да ми ги донесе, носеше маска. Користев стапчиња за еднократна употреба и слично, па откако ќе завршев со јадење сè се фрлаше.
На 25 јануари имав преглед. Почнав да кашлам. Тоа беше напорна сува кашлица со малку жолт спутум. Резултатите покажаа дека мојата состојба се влошува, при што инфекцијата започнала да се шири на белите дробови.
Лекарот ми даде инфузија, а лековите што ги пиев ми останаа исти. Тогаш докторот ми рече дека се сомнева на новиот корона вирус, но дека за тоа е потребен лекарски совет кој ќе одлучи дали сум кандидат за тестирање. Само на тој начин можеше со сигурност да се утврди дали сум заболен од корона вирусот или не.
На 26 јануари состојбата ми се влоши и започнав да се тресам од студ. Чувствував дека имам висока температура, и навистина, при мерењето покажа дека имам 39 степени Целзиусови.
Подоцна дознав дека во средната фаза од болеста можело екстремно брзо да се влоши состојбата, но кај мене до вечерта треската исчезна. Чувствував како да сум поминал до “деветтиот круг” и назад.
Периодот од 21 до 26 јануари беше најлошото време. Кашлав толку лошо и силно, што стомакот ми се повреди, а и грбот ме болеше. Тоа беа најлошите денови во мојот живот.
Тогаш сфатив дека ми е потребна малку психичка поддршка, бидејќи почнав да си мислам дека нема да се извлечам. Затоа почнав да го гледам моето омилено аниме шоу, за да видам нормални, среќни животи. Си мислев дека ќе мора да се збогувам со животот засекогаш.
Во шоуто што го гледав, хероината имаше големи потешкотии на почетокот, но на крај успеа во својата кариера. Во февруари требаше да летам за Јапонија, за да одам на концертот на актерката што го позајмуваше гласот на главната хероина од шоуто. Но, за жал, морав да го откажам. Па, гледајќи го шоуто си помислив: Морам да преживеам, ако сакам да го гледам нејзиниот следен концерт!
Тоа навистина ме охрабри и ми даде олеснување заедно со лековите што ги пиев. Таа недела двапати сонував дека сум ја запознал актерката.
Имав уште едно тестирање на 28 јануари и тоа покажа дека белите дробови се подобруваат. После лекарската консултација, тие одлучија дека сум квалификуван за да ме тестираат за коронавирус.
Во меѓувреме и брат ми се разболе. Доби треска и почна да кашла на 29 јануари. Неговите резултати покажаа дека има слични сенки на белите дробови и се сметаше за осомничен случај.
Истиот ден и баба ми се разболе со треска и кашлица. Што се однесува до мене, резултатите од мојот тест беа позитивни и јас официјално бев потврден случај за коронавирус.
Во болницата 5 дена ми даваа анти-ХИВ лекарства бесплатно, а моето семејство ги земаа препишаните лекови како мене претходно. Поради мојата подобрена состојба и ограничените кревети во болницата, ми рекоа да си одам дома и да се изолирам, па така така заврши мојата интравенозна терапија.
Брат ми го тестираа на 2 фебруари и тестот покажа позитивен. Баба ми имаше грозница четири дена, но потоа се опорави. Нејзе никогаш не ја тестираа, а ниту мајка ми, но сите земаа лекови. Брат ми на крајот се опорови и сега е негативен на вирусот.
На 4 февруари, КТ скенот покажа подобрување на белите дробови и мојата кашлица престана. Ми дадоа уште еден тест за коронавирус и ми препишаа повеќе лекови.
Следниот ден од тестот покажаа дека сум негативен на вирусот, но според упатставата на лекарите, требаше да се вратам на уште едно тестирање. На 7 февруари резултатите покажаа дека сум негативен и бев прогласен за оздравен.
Обработи: Ирена П.