Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев во вечерашното гостување на телевизија Канал 5 рече дека Министерството функционира, но тој не се чувствува еднакво на седниците на Влада.
-Морам да кажам дека не се чувствувам еднакво на седниците на Влада. Како што можевте да видите, ниедна моја прес конференција не беше одржана во Влада.
Има комуникација, но таа оди потешко и треба време. Да ви кажам еден банален пример: претставниците на Влада имаат формирано Вибер група каде што комуницираат, јас се уште не сум во таа група.
Моите предлози дел се прифаќаат, дел не. Често и јас сум против некои од другите предлози, но со мнозинство тие се усвојуваат. Морам да кажам дека во интерес на граѓаните, јас често правам отстапки за да може Министерството да функционира, рече Чулев.
Еден припадник на МВР е заболен од корона вирусот, потврди министерот за внатрешни работи Наке Чулев. Тој за „Канал 5“ објасни дека станува збор за информатичар а не за полицаец.
Тој уверува дека се преземаат сите мерки за заштита и за дезинфекција секаде каде што е потребно.
-Јас како министер секогаш се залагам за најостри мерки. Само со строги мерки може да спречиме ширење. Јас сметам дека е потребно да се ограничи движењето на граѓаните, особено во вечерните часови за да се спречат оние вечерни собирања. На Влада се прават разговори за ова и можно е да се пристапи кон вакви мерки денеска или во наредните денови, рече Чулев.