Жената што ми го чуваше детето преку ,,папочето” се обиде да направи магија – најдов и клуч на прозор

0

Кога го родив син ми беше преубаво бебенце со долги трепки, кое најмногу сакаше да цица и да спие. Уживав во мајчинството и цело мое време му бев посветена нему. На почетокот се развиваше добро и на сите контролни прегледи беше позитивно оценет.

Но, дојде време кога јас морав да се вратам на работа а син ми го запишавме во градинка. Оттогаш започнаа нашите маки. Секоја недела се разболуваше а јас почнав често да земам боледувања. Имунитетот му опадна дотолку што на крај завршивме во Козле. Двапати.

Син ми имаше неполни две години кога сфативме дека ни се залудни напорите да го социјализираме во градинка. И тогаш одлучивме да побараме жена која ќе го чува во домашни услови.

Едвај најдовме една 50-годишна жена која останала без работа, а искуството во работа со деца го стекнала чувајќи ги внуците од синот. Нејзината ќерка била мажена но веќе неколку години неуспешно се обидувала да има деца. Додека ја интервјуирав сфатив дека си имам работа со малку неписмена но итра жена.

Со сопругот бевме очајни бидејќи ниедна од претходните жени кои се јавија на огласот – не одговараа, па се сложивме да се обидеме со неа. За чудо, детето привикна на неа и ја прифати, а јас конечно можев да се вратам на работа.

Син ми напредуваше добро и многу ретко се разболуваше. Кон неговата дадилка се однесував љубезно, но и срдечно. Помина половина година кога за првпат забележав нешто чудно.

Имено, еден ден порано се вратив од работа, па жената ја ослободив порано. Кога ги средував играчките меѓу нив го најдов папочето на син ми, свиткано во газата и штипката како што сум го сочувала кога му отпаднало.

Јас на папочето имав заборавено, па во прв момент кога го здогледав не можев да сфатам за што станува збор. Втората загатка беше како се нашло меѓу играчките, далеку од местото каде што го чував. Се почудив на оваа случајност, но не реков ништо.

Вторпат забележав повторно нешто чудно. Пеглајќи ги алиштата, имав обичај сите парчиња што допираат гола кожа да ги пеглам од двете страни. Така наидов на чудни конци во разни бои пришиени на панталончињата од внатрешната страна, а потоа исти такви и на блузичката. Следниот ден кога ја видов дадилкава ја прашав дали знае како се нашле овие конци токму таму, но таа само дигаше раменици и негираше било каква инволвираност.

Чашата ми се прели кога миејќи ги прозорите од детската соба, од надворешната страна на прозорот, на окапникот, најдов клуч. Многу се изненадив. Клучот беше обичен од патент-брава, но она што шокираше беа неговите засеци: на грбната страна јасно се гледаа неколку засеци направени со остар предмет, најверојатно со нож. Го зедов клучот и му го покажав на сопругот. И тој беше многу зачуден.

За случајов и раскажав на старосвaтицата за која знаев дека имаше претходно искуство со магии и слични работи. Јас отсекогаш бев скептик и никогаш не верував во надприродни работи.

Но ова веќе беше премногу чудно, особено што син ми имаше полни 3 години а се’ уште не беше прозборен. Го носевме и на дефектолози и психолози но никој не можеше да помогне. Најпосле помислив дека сите овие чудни работи се поврзани на некој начин.

Старосватицата не однесе кај една бајачка, прочуена жена која помагала во одврзување и растурање на магии. За жал, не смеам да го откријам нејзиниот идентитет. Од она што ми го кажа таа за малку ќе се онесвестев. Но за да скратам, ќе ви го кажам само ова: дадилката која го чуваше син ми, се обидувала преку него и неговата енергија или аура, не разбрав добро, да ја пренесе врз ќерка и’ и да и’ овозможи и таа да забремени.

Тука дознав дека од папочиња на бебиња се правеле страшни работи. Жената ми рече дека ќе се обиде да го спаси син ми, но многу силна магија била направена па не може да ми гарантира 100%.

Со сопругот моравме да направиме многу работи за да ја растуриме магијата, работи за кои не би сакала да раскажувам, траеја долго, но најпосле успеавме. Син ми после секое баење повраќаше една кофа течност бела како млеко. Ова, мојот рационален ум не можеше да го сфати па затоа не се ни обидував да размислувам што тоа ни се случува. Знаев дека се борам за моето дете и морав да го сфатам.

Кога и соопштив на дадилката дека повеќе нема да работи кај нас, таа ми се нафрли со погрдни зборови па дури и ми се закани дека не сум смеела да ја избркам. А јас само и соопштив дека син ми го запишавме во приватна градинка. Најмалку што очекував од неа беше да му посака среќа на детето, но никако правење на ваква непријатна сцена.

Не и споменав никакви магии, не и спомнав ниту за шишаната коса (понекогаш забележував дека му фали прамен од косичката), не спомнав ниту за клучот… Но тогаш бев премногу млада за да знам како да се справам со таква селска итроштина.

Важно е дека се’ добро се заврши. Оттогаш се поминати многу години, син ми тргна во училиште и супер напредува, а јас сум горда мајка на одличен ученик. Лошите спомени се зад мене.

Ова што го напишав сакам да го објавите без да го откриете мојот идентитет, но сакам да им укажам на сите млади родители кои вработуваат дадилки за своите деца – да бидат многу внимателни. Не можете да знаете кого се’ ќе примите во вашиот дом, но затоа отворете четири очи!

Обработи: П.П.

Името и презимето познати на редакцијата. Овој текст е авторски и не смее да се реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.

Претходна статијаДруги шо сакаат нека зборуваат – мене овде во Италија најдобра другарка ми е свекрвата
Следна статијаПред некој ден добив известување од Пошта дека треба да подигнам вредносно писмо од Америка, а јас немам никој таму