Вчерашниот ден донесе момент кој досега не е виден на фудбалските терени, барем не во Македонија. Фудбалерот на Академија Пандев, Стефан Костов, заработи исклучување на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров поради срамен потег за кој сигурно требаше да размисли двапати.
Тој со топка во рацете и трчаше по својот противник, а потоа истата ја фрли во неговите нозе и спречи контра напад на „лавовите“.
Комична ситуација се случи во второто полувреме на натпреварот меѓу Македонија Ѓорче Петров и Академија Пандев. Имено, фудбалер на гостинската екипа со втора топка во рацете спречи контра напад на домашната екипа и заработи црвен картон од судијата Ралевски.
Стефан Костов беше исклучен и неговиот потег со сигурност ќе биде дополнително санкциониран.
Судијата Ралевски немаше избор и му го покажа патот кон соблекувалната. Овој потег му донесе „популарност“ на 23-годишникот, за кого покрај балканските, пишуваат и шпанските медиуми.
Светски познатиот „АС“ одвои време за да ги насмее своите читатели со несекојдневната ситуација од македонското првенство.
Од Академија Пандев доцна синоќа по пат на официјалната фејсбук страница се огласија по денешниот меч против Македонија Ѓорче Петров.
Пораз од 1-0 на денешното гостување во Скопје на екипата на Македонија Ѓорче Петров. По неколку неискористени шанси и на двете екипи, на крај домаќините со гол од пенал во 97 минута од натпреварот ги освоија трите бода.
Комичните одлуки на судиите Марјан Маркоски и Благојче Ралевски сепак на крај го решија победникот на натпреварот. Најпрво Маркоски поради повреда ги замени позициите со четвртиот судија Ралевски кој стана главен судија и му додели црвен картон на нашиот играч Стефан Костов во момент кога во игра имаше две топки, една со која нашиот бек Јованов изведе аут кон централниот дефанзивец Костов, и уште една топка во рацете на Костов дофрлена од надвор.
Наместо судијата Ралевски да ја прекине играта и едната топка да биде исфрлена надвор, играта продолжи и играчите на Македонија ЃП ја зедоа топката кој ја додаде Јованов кон Костов и продолжија со игра, а Стефан се најде во ситуација да не бира средства како да ја запре играта. И кога сите помислија дека тоа ќе биде „најспорниот“ момент на натпреварот, на сцена стапи судијата Марјан Маркоски.
Во последната минута од судиското надополнување Најденов ја удри нафрлената топка во шестнаесетникот на која играчите на Македонија ЃП бараа пенал. Главниот судија и помошникот кои беа на неколку метри не забележаа ништо и играта продолжи. На наредниот прекин Маркоски во улога на четврти судија го повика Ралевски и му сугерираше да ја врати играта и да досуди пенал поради играње со рака на Најденов. Ете можеби ние изгубивме натпревар, но среќни сме што македонскиот фудбал доби ВАР.