Струмичкиот карневал и официјално е откажан. Организациониот одбор одлуката ја донел доцна синоќа по завршувањето на концертот под маски кој беше само една од содржините во осум дневните карневалски свечености.
И покрај тоа што од страна на владата се уште нема официјална одлука со која поради појавата на корона вирусот ќе бидат откажани сите јавни собири и масовни манифестации организацијата на карневалот решила да бидат прекинати сите планирани настани. Тоа значи дека освен главната карневалска вечер која беше закажана за утре нема да се одржат ниту балот под маски планиран за вечерва, ниту пак детскиот карневал кој традиционално е во недела на прочка.
За носењето на одлуката била направена и координација со карневалските групи од градот , а веќе биле известени и учесниците од странство кои денска и утре требаше да пристигнат во Струмица.
За сега не е познато кога ќе биде новиот термин во кој ќе се одржат главните карневалски манифестации. Претседателот на организациониот одбор Александар Цицимов информираше дека за ова дополнително ќе се расправа за што навреме ќе бидат известени и групите кои подготвуваа маски, но и сите граѓани.
Струмичкиот карневал оваа година слави јубилеј, 30 години од неговата организирана форма. На утрешната главна карневалска вечер беше најавено учество на 46 карневалски групи од земјава и странство.
Се откажуваат сите настани поврзани со карневалот за Прочка којшто требаше да се одржи викендов во Прилеп.
„Врз основа на препораките на Министерството за здравство на Република Северна Македонија и на член 58, став 1, алинеја 4 од Закон за заштита на населението од заразни болести, „Службен весник на РМ“ бр.66/2004, 139/2008, 99/2009, 94/2010 и 86/2011, се откажуваат сите настани поврзани со Меѓународниот карневал „Прочка 2020“-Прилеп“, соопшти Општина Прилеп.
Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека ќе достави предлог до Владата на нашата земја да се одложат сите спортски настани кои се предвидени викендов во Македонија. Само на овој начин ќе се спречи ширењето на коронавирусот кој се појави кај нас.