Од утре (1 март) во Германија стапува во сила нов Закон за доселување стручни работници, кој ќе се однесува на квалификувани работници од земји надвор од ЕУ, што значи и од Македонија. Процесот на издавање на визи за квалификуваните работници кои се бараат на германскиот пазар на труд во иднина би требало да трае најдолго 4 до 6 недели.
Секој кој има договор за работа или конкретна понуда за работа ќе добие дозвола за престој на четири години или онолку колку што трае договорот за работа
Со новиот закон под стручњаци ќе се сметаат сите квалификувани лица чие стручно образование траело најмалку две години и е еквивалентно со германското образование.
Со овој закон се смета дека побрзо ќе се одвива признавањето на дипломите и тоа да заврши во рок од три месеци по предавањето на сите потребни документи.
Прописите ќе му овозможат на германскиот работодавач да делува побрзо, а исто така и германската амбасада. Секој работник од третите земји кои ги има потребните стручни квалификации, може да дојде да работи во Германија.
По четиригодишен престој, стручњаците можат трајно да се населат во Германија, односно стекнуваат право на неограничен престој.
Илјадници работници со нетрпение чекаат да дојде 1 март. Од 1 март во Германија стапуваат на сила новите правила за доселување на квалификувана работна сила.
Добрата вест во новиот закон е укинувањето на критериумот според кој една компанија мора прво да се обиде да најде лице во Германија или во Европската унија, а дури потоа да вработи кандидат надвор од ЕУ.
Голема новина е тоа што кандидатите со квалификувано стручно образование доколку имаат соодветно познавање на германскиот јазик и доколку имаат гаранција за издржување, ќе можат да дојдат во Германија на шест месеци за да бараат работа.