Министерката Ангеловска најави подобри денови: Намалување на невработеноста

0

Министерката за финансии Нина Ангеловска очекува за годинава да се постигне планираниот раст од 3,8 отсто.

Таа во интервју за Капитал рекла дека растот за годинава е планиран на 3,8 проценти, и дека тоа е реална проекција во линија со Народната банка. Проекцијата се базира на очекувањата за раст на бруто инвестициите од 8 отсто, раст на приватната потрошувачка како резултат на раст на вработеноста и платите и на извозот.

„Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста и намалување на невработеноста. Се очекува во 2020 година бројот на вработените да порасне за 2,1 процентни поени, додека стапката на невработеност да се намали на 16 отсто. Растот на просечната нето-плата се очекува да изнесува 6,3 проценти на номинална основа“, изјавила Ангеловска.

Инвестицијата во човечкиот капитал, во технологии како и реформи за брза ефикасна администрација, ќе овозможи континуитет во економскиот раст кој пак ќе биде генериран од приватниот сектор, вели во интервју за Капитал министерката за финансии Нина Ангеловска потенцирајќи дека е потребно државата преку фискалната политика да биде ветер во грб на приватниот сектор од повеќе аспекти.

Таа посочи дека, луѓето се оние кои се носители на продуктивноста, затоа е значајно да се инвестира во човечкиот капитал, но и во нови технологии кои ќе ја зголемат продуктивноста. – Затоа буџетот за 2020 година е насочен кон инвестиции во човечкиот капитал, со над 60 отсто од расходната страна за здравството, образованието и социјалата како области.

Она што можам да го истакнам во моментот со фискалната политика поддршката на приватниот сектор се спроведува со мерките кои ја стимулираат инвестициската активност на компаниите, нудат поддршка за зачувување на квалитетните кадри, но и делуваат на создавање на адекватни кадри на пазарот на труд.

Така во годинешниот буџет за мерката за субвенционирање на придонесите за покачување на платите обезбедени се 2,4 милијарди денари, за мерките за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор 3 милијарди денари и за активните мерки за вработување 1,4 милијарди денари.

Преку мерките за поддршка на инвестициите се поттикнува и набавка на нова технологија преку поврат на дел од вложените средства, на тој начин поттикнувајќи ги фирмите да ја заменат. Во однос на замена на застарената технологија постојат исто така можности, преку мерките за поддршка на економски раст, со кои се враќа дел од инвестицијата на компаниите направена во нови технологии – рече Ангеловска.

Претходна статијаМакедонскиот пејач: На децата ќе им оставиме сами да одлучат на која вера и националност сакаат да припаѓаат
Следна статијаШто ти е живот: Некогаш биле милионери и имале раскошен живот, сега преживуваат со социјална помош