Македонскиот пејач: На децата ќе им оставиме сами да одлучат на која вера и националност сакаат да припаѓаат

0

Денис Мурат е една од најурбаните градски фаци од помладата генерација во Охрид и Охридско. Многумина го паметат по брилијантните настапи на музичкото шоу „Идол“, но и по многубројните успешни свирки и концерти насекаде низ Македонија и регионот. Познат е и по заедничките настапи како дуо „ДиС“ со својата сопруга Стефани Стефановска.

Денис или Дени, како што го знаат охриѓани, е и повеќегодишен успешен службеник на компанијата ТАВ, но сепак во охридската чаршија е најпознат како добар човек со неизмерна желба за дружење. Покрај сево ова, малкумина ќе се потсетат и дека Денис го има едно од најколоритните семејни потекла во цела Македонија. Односно тој е мешавина на неколку среќни католичко-муслимански, муслиманско-православни и православно-католички бракови, кои ги склучувале неговите предци со генерации. Тој го изнесе своето мислење за сето тоа.

– Јас не сум човек што ги дели луѓето по нивната вера и националност. Сметам дека за да постигнеш некаков успех, треба искрено да пристапуваш кон луѓето или кон работата, да си отворен за соработки, амбициозен и позитивен. Бракот и слогата што ја имале моите родители, само ми помогнале во понатамошните препреки во животот да можам полесно да поминувам преку сите предизвици.

Татко ми беше муслиман исто така од мешан брак, а мајка ми православна христијанка. До пред неколку години, со нас живееше и баба ми, која беше католик – вели нашиот соговорник.

Во Охридско важат за семејство што ги одбележува буквално сите празници. Дури постои шега дека нивната куќа има најголеми трошоци во годината.

– И да ги славиме и да не ги славиме, кај нас секогаш вратата е отворена. Мајка ми правеше баклава за Бајрам, а сега и сопругата ги почитува сите празници покрај мене, но сѐ уште не знае да ја направи баклавата (се смее). Го почитувавме и католичкиот Божиќ, па секогаш на тој ден добивавме подароци од баба ми под елката – вели Денис.
Тој ваквиот микс на култури во кои пораснал го смета не за проблем туку за голема предност, која многу му помогнала во животот.

– Научивме дека пред сѐ сите сме луѓе, соседи, пријатели, колеги и за добро или лошо треба да сме тука да си помогнеме и да се почитуваме. Моите родители секогаш ме учеле на соживот со луѓе од различна вера. Во нашиот дом не постоеше таков разговор во кој одреден човек се условува со „муслиманот“ и обратно – нагласува тој.

И навистина сево ова што теоретски го кажува Денис неговото семејство со генерации и векови го има потврдено промовирајќи соживот во градот Охрид и на таков начин навистина претставуваат светол пример за другите. Но најинтересно од сѐ, е што истата космополитска приказна продолжува и во следните генерации како што ќе може да видиме и во следниот пасус.

Денис и Стефани се еден од навистина поубавите брачни парови на македонската естрада. Каде и да се појават предизвикуваат внимание и позитивни реакции. Поради тоа, веројатно, не е ни случајно што уште од почетокот немало многу двоумење дали треба да стапат во брак.

– Се запознавме спонтано во Охрид, налето. Ни се поклопија енергиите, уште па кога ми кажа дека е музичарка, си реков тоа е тоа. Не се двоумеше ниту таа, за нас националноста не беше табу-тема и никогаш претходно не била – вели нашиот соговорник.

Сепак, Денис признава дека околината понекогаш навистина имала прашања и недоумици, но истакнува дека тие не биле со негативна конотација туку предизвикани од чиста љубопитност.

Нашиот соговорник, сепак, е најсреќен што во сопругата нашол сродна душа за градење заедничка естрадна кариера, која е навистина добро ефектуирана преку заедничките настапи во дуото „ДиС“.

Целата сторија проследете ја на „Нова Македонија“

Претходна статијаИванов во Австралија кај Македонците: Познато со кој ќе се сретне и што ќе прави таму
Следна статијаМинистерката Ангеловска најави подобри денови: Намалување на невработеноста