За Јордна и неговата мајка Ангелина од Велес пред извесен период слушна цела Македонија, но и пошироко, по што се крена акција за помош која веќе е во полн ек.
Едни бојадисуваат ѕидови, други местат гипс картон, трети ја менуваат електричната инсталација. На градилиште личи куќата на велешкото семејство Јованови, чија сторија пред еден месец ја објави Телевизија 24.
Од трошна куќарка, која повеќе личеше на пештера, живеалиштето на Јордан и неговата мајка Ангелина полека заличува на пристоен дом. Реновирањето се прави со донации од хумани граѓани, фирми и организации.
Јордан секојдневно доаѓа и ја надлегува работата во неговата куќа. Вели дека поради хуманоста на луѓето, тој и мајка му добиле шанса за нов почеток.
Се врати насмеката и на лицето на неговата мајка Ангелина. Додека градежните работи траат, таа и Јордан се сместени во куќа, во сопственост на фирмата Пододекор, која заедно со хуманитарната организација на МПЦ „Свети Спас“ го организираат реновирањето.
Кога ги посетивме, во нивниот привремен дом стигна и донацијата во висина од близу седум илјади евра, кои ги собра македонската дијаспора преку фејсбук, во соработка со невладината Мобилност од Велес.
Семејството Јованови за месец – два ќе се вратат во својот нов дом. Покрај надоместокот за нега и мобилност, од државата ќе добијат и социјална пензија. Јордан вели дека следниот чекор е тој да најде работа, а потоа да донесе и невеста дома. Приказната за семејството Јованови покажува дека хуманоста како одлика сеуштее присутна на овие простори.
Целата сторија со видео прилог проследете ја на ТВ 24