Дали смее дома да се чува Бадниково гранче и да се става париче во леб за Бадник

Митрополит Струмички Наум: ,,Обичајот на бадниковото гранче е препознатлив обичај на Србите и на Српската Православна Црква и на ниту една друга православна Црква и народ.

Овој обичај е насилно воведен во нашите цркви, после утврдената српска окупација на Вардарскиот дел од Македонија по завршувањето на Првата светска воја.

Јасно и разбирливо е зошто овој обичај се задржал или се обновил во Скопје и на некои други места, односно во делот на Македонија каде што според последниот попис живеат околу 40.000 Срби, но не е јасно зошто истото се случува и во некои други делови од Македонија и зошто еден туѓ обичај прифаќаат Македонците?

Дали е во прашање медиумската соблазна на народот или незнаење или среброљубие или сензација или пак некоја друга причина, Господ знае?

Знаеме само дека ова е прашање на идентитет и знаеме дека со медиумското форсирање на ваквите обичаи се дефокусира јавноста од она што е битно,а тоа е исполнувањето на Божјите заповеди,исповедтта на своите гревови и причестувањето со Телото и Крвта Христови.

Очигледно, многу е полесно да се собираат гранки по шумата,
отколку да се чекори по тесниот евангелски пат.

Затоа по црквите на нашата Струмичка Епархија не се делат бадникови гранчиња.

Бадниковите огнови , пак, се во потполна несогласност со Црковното Предание.
Палењето оган , печењето колбаси и пиењето ракија се во апсолутна спротивност со Божиќниот пост.

Свештенството не дозволува овие појави да се случуваат во црковните дворови.

Истото важи и за бадниковата семејна вечера, ако луѓето се откажат од Светата Причест заради јадењето зејтин и риба.

Ставањето на паричка во лебот или питата за Бадник е исто така српски црковен обичај.

Македонски црковен обичај е паричката да се става во лебот или питата или во колачот на 14 јануари-денот на Свети Василиј Велики, попознат во народот уште и како Стара Нова Година,т.е.Црковна Нова Година.

Кој сака да знае повеќе за ова нека прочита во житието на Свети Василиј Велики.

Loading...