Сите го знаеме шеф Марк од Брза кујна – Еве како изгледа синот на омилениот готвач (ФОТО)

Пред пет години Марк Де Јонг дојде во Македонија за да го исполни аманетот од баба му која пред да почине го замолила барем еднаш да дојде и да ја види земјата од која потекнува неговата мајка. Дојде и остана решен тука да изгради нов живот, од почеток.

Набрзо стана препознатливо лице од ТВ екраните, како еден од двајцата готвачи-виртуози во телевизиското шоу „Брза кујна“ кое оди на ТВ „Сител“, заедно со неговиот колега и другар Никола Мишковски, шеф во ресторанот „Камник“. Член е и еден од основачите (заедно со Адријана Алачки, во функција на претседател и Љупчо Гиевски, потпретседател на Асоцијацијата и шеф на кујна во „Александар Палас“) на Националната асоцијација на готвачи на Македонија, која е примена во Светската асоцијација.

Секој работен ден имаме прилика да го гледаме кулинарското шоу „Брза кујна“ на Сител телевизија каде што шеф Марк со својот тим и шеф Никола со својот тим подготвуваат разни специјалитети.

Со намирници донесени од страна на учесниците, Марк и Никола за краток период знаат да подготват разни видови на јадења.

Марк де Јонг има македонско потекло, но со години живеел во Брисел каде по големиот земјотрес во Скопје се преселило и неговото семејство.

Марк де Јонг пред неколку години се преселил во Македонија за да го исполни аманетот од баба му која пред да почине го замолила барем еднаш да дојде и да ја види земјата од која потекнува неговата мајка.

По 50 години, Марк се вратил во Македонија и одлучил тука да изгради потполно нов живот.

Марк е одиличен готвач и знае да прави вистински македонски специјалитети. Што се однесува до неговиот приватен живот, Марк е во брак со Василка со која има две деца, ќерка и син.

Тој на социјалните мрежи знае често да објави фотографии од тоа како готви или од некој специјалитет. Меѓутоа, овој пат Марк објави фотографија со неговиот син и тоа од студиото на „Брза кујна“,

Вака изгледа Микаел, синот на Марк кој живее во Белгија.

За македонските корени…

– Дедо ми во 1958 година доаѓа во Брисел, а по земјотресот во Скопје, во 1963 година, доаѓа и остатокот од семејството, баба ми, мајка ми, тетка ми и вујко ми. Тие никогаш повеќе не се вратиле назад, но пред три години, заедно со вујко ми, кој дојде во Скопје првпат по 50 години, јас првпат стапнав на македонско тло. Јазикот го научив од баба ми и од дедо ми, кои истовремено ја всадија во мене и љубовта кон оваа земја.

Уште од првиот момент кога стапнав во Македонија се чувствував како во своја земја. Целиот живот, до 45-тата година го поминав во Белгија, а од 15 години работам и заработувам, почнувајќи од најниската позиција па се до шеф и сега сакам своето знаење и искуство да им ги пренесам на моите помлади колеги во Македонија, на сите кои се интересираат за готвење и да покажам дека во Македонија сите јадења имаат поубав вкус затоа што тука можат да се најдат најубавите и најсвежи продукти, прекрасно овошје и зеленчук какви што нема никаде во светот, ја почнува приказната за својот живот Марк Де Јонг.

Тој е најгордиот Македонец кој ќе го запознаете во животот, кој и покрај белгиското државјанство, веќе три години патува со македонски пасош и ја претставува Македонија на највисоко ниво. Заедно со својот колега Никола Мишковски, инаку капитен на тимот кој се натпреваруваше на светскиот натпревар по готвење во Истанбул, Марк покажа дека го држи високиот рејтинг со кој се здобил работејќи како готвач речиси три децении. Иако порано учествувал на натпревари од светски ранг како претставник на Белгија, сега гордо ги брани боите на Македонија.

Аманет

– Дојдов во Македонија зашто на баба ми и ветив дека еден ден ќе се вратам тука. Мајка ми остави овде дел од животот и не сака да се врати, татко ми, кој беше Белгиец, е починат, а јас мојата огромна љубов за Македонија им ја должам на моите баба и дедо. Благодарение на нив, израснав со приказните за Македонија и со мирисот на македонската храна.

Баба ми Магда готвеше македонска храна и целата куќа мирисаше на лук, особено кога ми правеше летна манџа со пиперки и домати. Тој мирис е незаборавен за мене, исто како и вкусот кој моите непца се уште го паметат. Токму тоа сакав да го почувствувам пак кога дојдов овде. Го исполнив аманетот на баба ми, и не само што дојдов да ја посетам Македонија, туку имам намера и да останам овде. Ова го одлучив кога дојдов тука втор пат, тогаш заедно со син ми Мајкл со кој направивме мала турнеја низ Македонија, таа моја навистина чудесна земја.

Ме маѓепса мене, а мислам дека нешто слично се случи и со мојот син, кој наскоро ќе ми се придружи. Тој тргна по моите стапки и со готвењето и ја засака оваа земја и животот во неа па во текот на овие три години доаѓа многу често. И тој, како и ќерка ми, се многу горди поради тоа што за кратко време станав препознатлив за луѓето кои постојано ми приоѓаат секаде кадешто одам, на пазар, на улица, во ресторан…, раскажува Марк.

Инаку, пресудна за него и за текот по кој се одвива неговиот живот во Македонија била и средбата со Адријана Алачки која му предложила да дојде и да направи емисија во неговиот ресторан во Брисел. Следниот чекор бил неговото доаѓање во Скопје и сето друго е веќе историја. Инаку, љубовта кон готвењето делумно ја наследил и од неговиот татко, кој по 11 години работа како полицаец решил да отвори ресторан со белгиска национална кујна.

– Јас ја познавам белгиската национална кујна, а од баба ми и дедо ми ја научив и македонската, потоа се школував и сега се што знам и умеам се обидувам да сплотам во еден сосема нов и необичен спој. Пробав да бидам механичар и навистина го умеам тоа, ама душата ми е во готвењето, тоа е она што навистина сакам да го правам од се срце. И во она што го подготвував во мојот ресторан, кој го имав цели девет години во Брисел се обидував да вметнам нешто од македонската национална кујна, вели Марк.

За кариерата…

– Почнав да се занимавам со готвење на 15 години. Додека одев во школо почнав да работам како помошник во еден од најпознатите ресторани со три Мишелин ѕвезди во Брисел, Restaurant Bruneau. Таму работев околу две години, од најниската позиција во кујната, а потоа продолжив со работа во хотел со пет ѕвезди (Hôtel President WTC). Следното работно место ми беше во офицерски дом на НАТО во Брисел кадешто го отслужував мојот воен рок.

Откако ми заврши воениот рок до мојата 30-та година работев во повеќе ресторани и хотели кадешто ги учев тајните на готвењето. Во периодот од мојата 30-та до 36-та година работев како асистент менаџер во хотел/ресторан во сопственост на Министерството за одбрана на Белгија кадешто пречекувавме високи офицерски службеници и претставници на странски делегации. Потоа сакав да се пробам како самостоен газда и готвач и го отворив мојот ресторан и кетеринг сервис „La Pallette Gourmande“ во Брисел. Во тој период паралелно работев и во Парламентот на Белгија како персонален шеф.

Во 2006 година прв пат учествував на натпревар во готвење за најдобар мастер готвач во Белгија. Мојот ментор Philippe Van Cappelen, ме пријави на национален натревар во гастрономија во Белгија, организиран од Master Chef Belgija. Учествував со мојот син Мајкл како мој асистент. На денот на натпреварот тој наполни 15 години. На овој мој прв натпревар го освоив второто место за најдобар готвач во Белгија.

Потоа следеа други натпревари, но најголемиот предизвик за мене беше во 2012 година, кога учествував како капитен на тимот на Белгија, на светскиот натпревар во готвење во Пекинг, Кина. На тој натпревар освоивме шесто место во светот, а јас како поединец освоив прво место, како најдобар готвач од Европа. Исто така, сум член на европската асоцијација на готвачи EURO -Toques (еуро-ток).

Во мојот ресторан во Белгија на луѓето им кажував колку сум горд на своето македонско потекло, па се обидував да им ја доближам Македонија и преку некои вкусови, како на пример, ставав ајвар во храната што ја подготвував таму. Им беше малку чудно, но јас секогаш готвев на мој начин и ги мешав вкусовите.

Слободно можам да кажам дека таму ми беше навистина добро, но овде ми е уште подобро, можам да ги мешам искуството и знаењето со тукашното овошје и зеленчук и да создавам прекрасни вкусови. Сигурен сум дека и моите гости од белгискиот ресторан кога би имале можност да ја пробаат мојата храна која ја подготвувам во Македонија, би биле многу позадоволни од нејзиниот вкус.

За Македонија…

– Не велам дека е лесно, признавам, животот тука не е толку лесен колку што мислев на почетокот, но е убаво. Може да се живее убаво со помалку пари и јас никогаш не се покајав што дојдов. Првично, кога дојдов во Македонија, направив еден малку необичен експеримент за ова поднебје, и готвев дома за најавени гости, во еден не толку јавен, туку напротив, поинтимен простор, но тоа не функционираше. Имаше интерес, но не можев да ги примам сите, цената беше поскапа, а и тука се уште нема традиција за таков тип на ресторани. Кај нас е вообичаено да се седи со часови по кафеаните, масата да биде полна и да се мези со часови. Така и јас научив да мезам, па омилени ми се шопската салата со чашка ракија како вовед во главното јадење. Мое омилено јадење е гравче тавче, но многу сакам и пинџур, лутеница, јадам луто, пиперки и буковец, а никогаш нема да го заборавам и јадењето што ми го подготвуваше баба ми, но кое не сум го сретнал никаде повеќе. Тоа беше едно јадење со свински опашки и зелка. Баба ми подготвуваше и боранија која ја јадевме со јогурт, тава ориз со пилешко, спанаќ со јајца. Омилени ми се гостилниците во Дебар Маало и често одам таму. На пример, по враќањето од Истанбул, прво што направив беше да седнам во Дебар Маало на салата со ракија. И секогаш кога се враќаме од некаде, и кога ќе влезам во мојот дом во Скопје, велам: фала богу си дојдов дома, раскажува нашиот соговорник.

Loading...