Лекарите и медицинскиот персонал цела ноќ дежураа, а многумина од нив иако не повикани самите доаѓале и се пријавувале за да работат и да помогнат што е можно повеќе. Вчерашната ситуација ја разбуди хуманоста кај луѓето во целата наша држава.
Случката ги обедини сите, од пријатели, до граѓани и медицински персонал, ноќеска сите беа пред болницата 8-ми септември. Веднаш биле повикувани лекари, сестри и болничари а многумина и самоиницијативно доаѓале на помош. Еден од нив е и доктор Ридван Бајрами кој на работа беше 27 часа.
„На работа сме повеќе од 24 часа, вчера бев дежурен – шеф на екипата, после 4 часот се јавија од Брзата помош дека се случила несреќа. Брзо тимот се организира, беа известени сите екипи. Службата за информации работеше, некои колеги кои не беа информирани доброволно дојдоа.
Хуманоста од страна на лекарите и од страна на медицинскиот персонал, болничари и административци беше на највисоко ниво.“ – вели Бајрами.
Пет лица се сместени на Одделот за интензивна нега во ГОБ „8 Септември“, од кои двајца се во критична состојба, по синоќешната автобуска сообаќајна несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци, истакна вечерва директорот на Градската општа болница „8 Септември“ Христијан Костов.
Прецизира дека во шок соба моментално се сместени двајца пациенти, кои се поставени на механичка вентилација со неуротраума, двајца нови пациенти кои се префрлени од Траума-центарот, како и една претходно оперирана пациентка на која и беше извадена слезината и која е во стабилна општа состојба.
– Во моментов во критична состојба се двајцата што се на механичка вентилација со неуротраума. Другите се во добра општа состојба. Двајца од пациентите се качени од Одделот од траума центарот на Одделот за инвазивно лекување заради опсервација. Едниот од нив е на 15 годишна возраст, а другиот на 40 години. Кај нив има лесна промена на крвната слика, но се под контрола и се прават дополнителни испитувања. Засега се во стабилна состојба, посочи Костов.
Нагласи дека бројката на хоспитализирани лица од сообраќајката е се уште иста 28, а промени има само во преносот на различни одделенија. Другите повредни пациенти, посочи, се во добра општа состојба.