Хирургот Ридван Бајрами, кој завчера со целиот тим на болницата Осми септември посветено работеше да им се помогне на повредените од трагичната сообраќајна несреќа која се случи кај селото Лескарци, вели дека денеска, два дена по несреќата, се чуди од каде ја црпел силата.
„ Во вакви ситуации, треба да бидеш психички јак, да не се предаваш. Јас верувам во Господ, и мислам дека на целиот тим тој ни даде сила брзо да се организираме и да реагираме.
Бев дежурен на работа кога се случи несреќата, и за половина час, заедно со тимот, успеавме да организираме 37 пациенти да се сместат на соодветните одделенија во болницата“, раскажа доктор Бајрами за Женски магазин.
Тој вели дека не бил на работа 27 часа како што првично беше пренесено, туку повеќе од 30 часа.
„Бројката во вакви моменти е сосема неважна. Тоа ми е работа за која што сум положил заклетва, и никако немаше да успеам ако не беше пожртвуваноста на колегите.
Како на човек, тешко ми беше да прифатам дека нешто вакво се случи, но секогаш кога треба да реагираме во вакви ситуации, треба добра организација и сила. Вербата во мојот тим ми даде сила“, додаде Бајрами.
Тој е татко на една ќерка и на два сина и вели дека се труди својата работа никогаш да не ја носи дома.
Повеќе може да прочитате на Женски магазин