Српските медиуми се преплавени со наслови за прстигнувањето на претседателот на Русија, Владимир Путин во Белград. Тој попладнево слета на белградскиот аеродром каде беше дочекан од претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Светските медиумите известуваат дека Путин во Србија е пречекан како суперѕвезда. Пред храмот Свети Сава во Белград делегацијата од Русија предводена од Путин ја пречекаа повеќе од стотина илјади луѓе.
По слетувањето на аеродромот „Никола Тесла“, рускиот претседател се ракуваше со српскиот претседател Александар Вучиќ, со српската премиерка Ана Брнабиќ и со присутните министри, додека срдечно го прегрна српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.
Српскиот претседател Вучиќ потоа приреди свечен пречек за рускиот претседател пред Палатата Србија. Вучиќ и Путин потоа отидоа на состанок во потесен формат, пренесе Б92.
Тие прво разговараа во четири очи, а потоа им се придружија и неколку министри. Покрај Путин, во Белград е и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, како и првиот човек на агенцијата за вселенски истражувања, Димитриј Рогозин.
Дел од Руската делегација се и повеќе министри, генералниот директор на „Руски железници“ како и ректори на три поголеми универзитети. Се очекува за време на средбата да бидат потпишани неколку договори вредни повеќе стотици милион евра, на полето на инфраструктурата, железниците, земјоделието но и од сферата на воено – техничката соработка.
За безбедноста на Путин се грижат 5.000 српски полицајци како и припадници на тајните служни, а во неговата непосредна близина постојано ќе бидат разпоредени 50 припадници на руската Федерална служба за безбедност. Рускиот претседател на својот пат од Москва до Србија го следеа два борбени авиони, а во српскиот воздушен простор за безбедноста се грижеа Српски авиони кои го следеа до белградскиот аеродром.
Инаку, Вучиќ на Путин му подготви несекојдневен подарок, се работи за тримесечно куче од расата шарпланинец, со име Паша.
Шарпланинец е овчарска раса, именувана по планината Шара. Се карактеризира со лојалност кон својот сопственик, важат за одлични чувари на своите стада, имаат трепение кон децата, голема приврзаност и брзина.
Српските медиуми јавуваат дека за Паша е подготвен и пасош и додаваат дека Путин сака автохтони раси каков што е шарпланинецот.
Жителите на Белград денеска ќе бидат под „посебен режим“ а на граѓаните им е препорачано да го користат јавниот превоз, или одат пеш до своите работни места. Исто така, Српските власти веќе наредија на улиците каде што ќе се движи Путин, станарите да не ги отвораат прозорите од своите домови и да не излегуваат на терасите.