Не заборавајте да го направите ова по Василица – тоа е најважниот обичај

0

Василица е голем и тежок празник, именден и куќна слава на многу македонски семејства.

На василица се крши леб или пита со паричка, која се верува дека носи среќа и бериќет.

Важно е ако ви се падне паричката каде ќе ја чувате. Секогаш парчето леб кое било наменето за вас треба да го изедете, а ако ви се падне паричката треба да постапите вака:

Никако паричката не треба да се фрли или заборави, туку да се стави до икона и да се чува до наредната година.

Иако многумина ја чуваат во паричник или некој предмет, таа треба да стои до икона.

.Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година.

Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја. Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат.

За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија. Особено познати се некои обичаи како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во охридско-василичари, во битолско-бабари, во скопско-џамалари, во тиквешијата-џаламари, во разлошко-сурваскаре, во костурско и други места во Егејска Македонија ешкари и тн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови сепак таа најчесто е поврзана со празникот Василица.

Важно е да се одбележи дека како ретко кој празник децата одделно од возрасните Новата Година ја пречекуваат со посебни обичаи, игри и песни кои многу се различни од оние што ги изведуваат возрасните, но се блиски до обичаите и песните што се изведуваат на Бадник.

И на Василица како и на Бадник групи деца најпрвин околу заедничкиот оган, а потоа одејќи по куќите низ селото или градот, пеат пригодни песни за што добиваат подароци. И овие песни како и коледарските од Бадник немаат развиена мелодија туку се кажуваат со скандирање, со карактеристични извици на почетокот и на крајот, а и во мотивска смисла се блиски. Низ песната се искажуваат многу убави желби и благослови за родна година:

Децата, исто така, носат прачки, дренови или сливови, со кои ги удираат луѓето, особено старите и болните лица, обичај што се вика суровење, што значи и тие да се сурови (здрави) како прачката. Тоа се прави и со домашните животни особено со коњите, воловите и овците поради што домаќинот василичарите ги одведува во шталата.
Возрасните за овие прослави се подготвуваат од порано.

Тие набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти: гајди, кавали, тапани и сл. Со овие реквизити се создава голема врева која има цел не само да создаде весела атмосфера туку и да ги заплаши и избрка лошите духови.

Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар.

Во Скопско овие дружини броеле 30 до 50 учесници од кои се избирале четворица „маскарџии”. Меѓу нив двајца биле „старци”, а други двајца ги играле улогите на две млади жени – невестата и орваната. Другите учесници во тајфата претставувале „деца” или „војска”. Во играта што ја играле добриот старец го убивал лошиот, што значело дека добриот дух го убивал лошиот што од друга страна, пак требало да значи обезбедување на благостојба во куќата и богат род на земјоделските култури. Во Горноџумајско овие дружини броеле 15-20 момчиња и се викале „сурваскаре”. Еден од нив го викале мечка, друг мечкар, трет се правел невеста и бакнувал рака. Во селата Емборе, Дебрец и Палиор во егејскиот дел на Македонија се играла Мала и Голема Ешка. Првата ја изведувале децата, а втората возрасните. Во Дебарца (Охридско) главни актери во оваа игра биле зетот, невестата и гатачот.

Овие василичарски дружини во секоја куќа, или, ако не ги пуштале да влезат поради тоа што биле многу вулгарни, во дворот ја играле споменатата драмска игра за што добивале подароци (месо, грав, компири, зејтин и др.) од кои правеле заедничка гозба. Таму пак каде што не ќе ги дарувале правеле некоја штета најчесто кршеле нешто што ќе најделе во дворот на пр. плуг, брана, кола и сл. Се внимавало две василичарски дружини да не се сретнат зашто редовно доаѓало до тепачки што траеле се додека некој не загинел за што сведочат топонимите Василичарски гроб, Бабарски гроб и тн. што ги има низ цела Македонија.

Постојат повеќе обичаи и верувања што се директно поврзани со започнувањето на Новата година. Тука во прв ред е прогнозирањето на среќата и напредокот на секој член од семејството како и на стоката и на земјоделските култури. Во загреана пепел или во нагорена црепна се ставаат зрна жито и во зависност од тоа колку ќе скокне зрното се гледа колку ќе има напредок во претстојната година. Исто така во црепна се ставаат жарје и се покриваат со вршник, а потоа се гледа тие што се изгорени со бела пепел ќе имаат напредок, а тие што се изгаснати, црни јаглења, ќе доживеат болест и несреќа. На Василица во некои места месат и погача или баница со пара, како што тоа во повеќе места се прави на Бадник, и со тоа се прогнозира кој член од семејството ќе биде најсреќен. Според некои верувања на Василица секој требало да облече нешто ново за да го износи во текот на годината.

Претходна статијаПетмина Македонци скијачи паднале во провалија на Пирин – Во моментов се одвива спасувачка операција
Следна статијаЗад песната „Због једне дивне, црне жене“ се крие романтична приказна – ова е жената за која е испеана