Денеска се слави Света Анисија: Сите жени кои имаат неисполнета желба треба да направат една работа

0

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 30 декември.

Св. маченичка Анисија.

Анисија беше родум од Солун. Потекнуваше од угледен и богат род. Родителите и беа побожни луѓе и добро се погрижија околу нејзиното воспитание; уште од младоста таа многу го засака Бога. Набргу умреа нејзините родители и таа го на¬следи нивното огромно богатство. Но, таа не дозволи богатството да и го одреди животот, па распродаде се и почна да им служи на бедните, затворените, болните и на сите што се наоѓаа во некаква мака. Света Анисија пострада од еден разбе¬снет војник кога одби да им принесе жртва на идолите. Тоа се случи во 298 година.

Родена е во Солун од угледни и богати родители, воспитана во Христовата вера. Рано остана сираче и целата се предаде на богомислие и на молитва во својот дом. Побудувана од Христовата љубов, често велеше: „О, лажен животу на младите, зашто или соблазнуваш или се соблазнуваш.

Подобра е староста, но тага ме обзема заради должината на времето коешто ме дели од небесните“. Потоа сиот свој имот го продаде и им го раздаде на ништите, а самата живееше од трудот на своите раце.

Држеше строг пост, спиеше многу малку и непрестајно лееше солзи на молитва. Кога ќе ја совладаше сон, си велеше себеси: „Опасно е да се спие кога мојот непријател бдее“. Во тоа време свирепиот цар Максимијан издаде проглас дека секој може да убие христијанин кога ќе го сретне, без суд и осуда. Еднаш оваа света девојка излезе за да оди в црква. Тој ден беше незнабожечки празник на сонцето. Некој војник ја виде убава во лицето, па ѝ пријде со нечиста желба и ја праша за името. Таа се прекрсти и му рече: „Јас сум слугинка Христова и одам в црква“.

Кога дрскиот војник ѝ пријде поблиску и почна да ѝ зборува безумни нешта, таа го оттурна и му плукна во лицето. Војникот ја удри со меч под ребрата и ја прободе. Оваа Света девица пострада во 298 година. Христијаните ја погребаа чесно, а Бог ја овенча со маченички венец во Своето Царство. Над нејзиниот гроб подигнаа црква. Нејзините свети мошти се наоѓаат во храмот „Свети Димитриј“, во Солун.

За овој ден се врзуваат верувања кои велат дека сите девојки кои сакаат живот исполнет со среќа и љубов, да одат до црква, искрено и длабоко да се помолат на Светата маченичка Анисија, а преданијата велат дека оваа светителка ќе им ја исполни секоја желба.

Светиот апостол Тимон

Еден од седумдесетте апостоли. Го поставија за Батрски епископ во Арабија. Проповедајќи го Евангелието претрпе многу маки од незнабожците. Го фрлија во оган, но остана неповреден. Најпосле издивна распнат на крст и се пресели во Христовото Царство.

Преподобниот маченик Зотик Сиропитател (хранител на сиромашните)

Беше угледен според потеклото и чинот. Се пресели во Цариград, отфрли од себе сè светско и прими свештенички чин. Основа дом за сиромаси и во него самиот лично ги примаше и ги негуваше болните од чума. Му беше личен познаник на царот Константин Велики. Затоа што зеде злато од царот и го потроши за болните од чума, Kонстантиновиот син, царот Констанциј, го фати и го врза за една дива маска, којашто ја гонеа додека светителот не издивна во рани. Пострада во 6 век.

Преподобна Теодора Цариградска

Монахиња и послушничка на Св. Василиј Нови (се слави на 26 март). По смртта му се јави на свети Григориј, ученик на Василиј, и му ги опиша дваесетте митарства што ги минала нејзината душа, дури, со помошта на молитвите на свети Василиј, не влегла во вечниот спокој. Се престави кај Господ на 30 декември 940 година.

Преподобниот маченик Гедеон

По потекло Грк од многу бедни родители. Во младоста насилно го потурчија. Се покаја и побегна на Света Гора, каде што се замонаши во манастирот Каракалу. Желен за мачеништво за Христа зеде благослов од духовникот и појде во местото каде што беше потурчен, им се јави на Турците, ја исповеда својата вера во Христа, а Мухамед го нарече лажен пророк. Турците му ја избричија главата, го положија наопаку врз магаре и го водеа низ градот.

Но, тој се радуваше затоа што трпеше потсмевање заради Христа. Потоа со секира му ги отсекоа сите прсти на рацете и на нозете и најпосле го фрлија во нужник, каде што и Му ја предаде својата света душа на Господа, во 1818 година во местото Трново во Тракија. Неговите чудотворни мошти почиваат во црквата на Светите апостоли во Трново, а еден дел се наоѓаат во манастирот Каракалу.

Претходна статијаВо недела е Стара нова година, внимавајте ова е задолжително
Следна статијаНа Василица се крши пита со паричка – еве каде се чува до следната година