Актерот Драган Бјелогрлиќ со потресен говор се опрости од Марко Николиќ, актерот со кого во серијата „Бољи живот“ ги играа улогите на татко и син.
Комеморацијата за Николиќ или познатиот Гига, се одржа денеска во Народниот театар во Белград, а на неа присуствуваа семејството, пријателите и колегите.
Бјелогрлиќ го имаше еден од најемотивните говори во чест на Гига, зборуваше низ солзи, а не успеаа да се воздржат ниту останатите присутни на комеморацијата.
Актерот ги потсети присутните за скромноста на неговиот „чале“.
– Како да се биде едноставен, обичен, ненаметлив, а истовремено силен, автентичен и неповторлив. Илјадници уметници ги потрошија животите трагајќи по таа формула обидувајќи се да го достигнат тој идеален спој. На Марко Николиќ тоа не му беше потребно. Нашиот Маре таков беше роден, така и живееше. Марко сакаше да лови риба, да плови по реката, да пие вино, да свири гитара и да пее.
Се возеше со градски превоз и се дружеше со комшиите, мајсторите и сите едноставни, би рекол, обични луѓе. За глумата и театарот ретко зборуваше. Не трчаше по улоги, тие сами му доаѓаа, а тој ги заживуваше. Лишен од амбицијата да биде најдобар и најпопуларен, тој беше и едното и другото и затоа како најголема актерска ѕвезда на 80-тите години во големата Југославија тој се возеше со градски превоз и тоа на ниту еден од неговите обожаватели не му беше чудно, им беше нормално затоа што тој секогаш беше еден од нив.
Марко секогаш беше еден од нив, наизглед обичните луѓе. Затоа неговиот лик Гига беше најомилен Моравец и во Сплит, и во Марибор, Ријека, Цетиње, Тетово, Загреб, Приштина, сегде… – зборуваше Бјелогрлиќ.
Марко Николиќ е роден во Краљево на 20 октомври 1946 година. Дипломирал глума на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград. Бил член на Народниот театар од 1970 година. Најголем број на улоги одиграл во театарот, на филм и на телевизија. Славата ја стекна со улогата во ТВ серијата „Подобар живот” (1987, 1990), како и улогата на караѓорѓе во неколку ТВ-драми и во серијата „Вук Караџиќ”. Николиќ има остварено многу импресивни улоги и во филмовите „Девојачки мост”, „Ужичка република, „Бошко Буха”, „Петрин венац”, “Дневник на навреди”, „Кордон”.
За исклучителниот придонес во југословенската кинеатографија, во 2012 година ја доби наградата за животно дело „Павле Вујисиќ”. Од телевизиските улоги најпознати му се во “Докторка на село”, „Светозар Марковиќ”, „Шеста брзина, „Среќни луѓе”, „Крајот на династијата Обреновиќ” „Горе Долу”, „Сенки на Балканот”.
Последната улога на телевизија ја оствари во серијата „Погрешен човек”. Високо признание, кое се доделува за извонредни заслуги и достигнувања во јавни и културни активности, Николиќ доби на 14 февруари, мината година на церемонијата по повод Националниот ден на Република Србија.
Актерот се присети и на сертијата која ја снимаа заедно.
– Пет години ја снимавме „Бољи живот“ и после тоа продолжив да го викам „чале“, а тој мене „сине“. Во својата последна улога тој се наоѓа на брод и оди на пат од кој нема да се врати. Тоа беше улога за него. Беше уморен и едвај одеше. Кога заврши со улогата, рече: „ех, зошто навистина не отпловив“. Марко, јас те замислувам сега и посакувам да си го пронашол тихото пристаниште по кое трагаше. И можеби ќе се сретнеме таму еден ден, ти ќе ја фрлиш јадицата, ќе ја земеш гитарата и ќе запееме… до тогаш многу ќе му недостигаш добар мој чале, добар мој Гиго – Зборуваше низ солзи Бјелогрлиќ.