Бидете многу внимателни – Голомразица предизвика сообраќајна несреќа вечерва во Македонија

0

На главната сообраќајна крстосница во близина на бензинската пумпа во Делчево денеска попладне, околу 18 часот, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале најмалку две возила.

Очевидци на настанот како можна причина за сообраќајната несреќа го наведуваат лизгавиот коловоз и појавата на голомразица.

Полицијата на местото на настанот ги утврдува причините за несреќата поради која сообраќајот до 18:00 часот беше во краткотраен прекин.

Во несреќата, како што информираа од Итната медицинска помош, не била побарана помош, што според лекарите укажува на фактот дека во несреќата нема повредени лица. Повеќе детали за несреќата и причинетата материјална штета од делчевската полиција најавија за утре.

За возењето да не се претвори во лизгање, препорачливо е начинот на возење да се приспособи според временските услови.

Најопасна е таканаречената голомразица, којашто обично се создава во свијоци на осојни места со поголема количина на влажност во воздухот, по правило во близина на шума или парк, и тешко е да се забележи. Голомразицата не е ништо друго освен замрзната вода врз асфалтот, којашто е подеднакво лизгава како и видливиот, но е поопасна затоа што не се разликува од остатокот од патот. Затоа возачот треба однапред да ги предвиди овие места каде што може да се очекува голомразица. Исто толку е опасен и замрзнатиот дожд, којшто се создава кога дождот паѓа врз замрзнат асфалт и таму веднаш се претвора во мраз.

На лизгави патишта треба да се избегнува нагло додавање гас, силно сопирање или грубо вртење на воланот. За да се уверите дали патот е лизгав или не, доволно е само кусо и нежно да се притисне сопирачката, секако доколку тоа го дозволуваат условите во сообраќајот. Од реакцијата на возилото ќе се добие вистинската информација за состојбата на патот.

Секако дека е најважно каросеријата и стаклата да се ослободат од мразот или снегот пред почетокот на возењето. Особено треба да се внимава на снегот врз покривот, затоа што доколку тој не се отстрани, при нагло сопирање во опасна ситуација лесно може да се случи целиот слој снег да се струполи врз ветробранот и да го остави возачот без каква било прегледност на патот.

При невреме е потребно зголемено внимание на мостовите и на завршетоците на шумите, затоа што на овие места е особено голема опасноста од создавање воздушни вртлози. Слично важи и при престигнување на камиони или автобуси. Кога возите зад нив, возилото се наоѓа во заветрина и силните ветришта може да не се почувствуваат, но по престигнувањето може да се случи возачот да биде изненаден од ударот од ветрот. Во тој случај не смее да се реагира нагло, туку контролирано да се управува во спротивниот правец.

Потребно е внимание и при возење со багажник на покривот, затоа што тие ја зголемуваат страничната силуета на возилото врз која што дејствуваат воздушните струи, а со тоа и опасноста од губење на правецот при дејство на силен ветар.

Условите под кои се одвива сообраќајот во зимските месеци се по многу нешта специфични. Снег, мраз, голомразица, но и намалена видливост поради густата магла, се причините кои го отежнуваат нормалното одвивање на сообраќајот, како низ градските средини, така и на патиштата кои се трасирани долж речните корита, по долините, котлините и на планинските превои.

Појавата на магла се карактеризира со намалена видливост на патот, што ја намалува ориентацијата во просторот, возачот има погрешна проценка за оддалеченоста со другите возила, а поради изразената влага во атмосферата доаѓа до лош контакт на гумите со подлогата. Видливоста на патот, пак, е условена од густината на маглата, замаглувањето и наросувањето на ветробранското стакло, како и од распрскувањето на светлосните зраци од сопственото возило и од возилата кои доаѓаат од спротивен правец.

Ваквите услови и временски прилики од возачите бараат посебна внимателност и прилагодена брзина на возење.

За ваше безбедно учество во сообраќајот, во услови на густа магла на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, ве советува:

Секогаш користете сoборени светла и (или) магленки (доколку маглата е густа и видливоста е помала од 100 метри), а доколку е потребно вклучете четири трепкачи, и на крај, доколку видливост е многу намалена, користете ја и сирената на автомобилот и отворете го прозорецот за да можете да ги слушнете другите возила.

Брзината на движење прилагодете ја пропорционално со намалената видливост на патот, односно возете со брзина со која ќе можете да застанете пред која било препрека што ќе ја забележите

Не забрзувајте ја брзината на возење нагло и не успорувајте нагло, не правете нагли промени на правецот на движење и најважно: не кочете нагло!

Секогаш држете безбедно растојание

Секогаш возете блиску до десниот раб од коловозот

Никогаш не паркирајте на пат, особено во услови на магла

Избегнувајте да престигнувате и да запирате на отворен пат

Ако запирањето е неопходно, поставете соодветна сигнализација за одбележување на возилото. Сигнализацијата поставете ја на поголемо растојание од она на кое би ја поставиле во нормални услови.

Ако учествувате во сообраќајна незгода во услови на густа магла а притоа не ви се вклучени светлата за магла тоа може да влијае на вашата можност да ги искористите вашите права од осигурувањето на возилото.

Доколку не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот едноставно прекинете го патувањето или одложете го за друг пат кога ќе постојат соодветни услови.

Покрај овие корисни совети за безбедно учество во сообраќајот, РСБСП со потсетување до сите возачи-учесници во сообраќајот, возењето во вакви временски услови бара потполно исправни светла и исправни бришачи, што воедно е и законска обврска за секој возач, да управува со технички исправно возило.

Возете одговорно за да пристигнете безбедно до вашата посакувана дестинација!

И не заборавајте да ги исклучите светлата за магла кога ќе излезете од зоната на магла затоа што на тој начин ја загрозувате безбедноста на останатите учесници во сообраќајот и за сторениот прекршок според ЗБСП следува глоба во износ од 35 евра во денарска противвредност во мандатна постапка или на возачот ќе му се регистрираат 20 негативни бода во возачката книшка.

Претходна статијаВистински полн погодок ќе биде викендов за овие знаци – Викенд хороскоп
Следна статијаШто треба да направите утре за светата вода да биде делотворна – овие работи избегнувајте ги