Свекорот и свекрвата ми го направија животот пекол – ми гасеа болјер и греење и бебето ми го земаа

0

Потресна приказна на една жена која имала тежок живот и многу проблеми.

Сакам да ви го раскажам мојот тажен и мачен живот, зошто еве читам за разни искуства, а на некои луѓе не им се верува дека постојат такви луѓе-нелуѓе. Верувајте, зошто јас сум ви жив пример, а и самата не знам како сум сè уште жива после сè што поминав.

Пред да се земеме и на почетокот свекрва ми беше многу фина со мене. Ми се доверуваше, ми раскажуваше како ја малтретирале нејзе кога била невеста, понижувана и честопати тепана. Чувствував големо сожалување кон неа и многу ја жалев за напатениот живот. Ги засакав и сестрите на мојот сопруг кои сите беа мажени и единствено тие доаѓаа на гости.

Набрзо после свадбата јас забременив, а сопругот замина во странство на печалба. Само што останав сама во таа куќа, мојот живот се претвори во кошмар. Одеднаш свекорот и свекрвата станаа многу лоши кон мене, почнаа да ме навредуваат и ми забрануваа многу работи. Дојде време да го родам мојот ангел и тогаш стана уште полошо. Ме нарекуваа кучко, мечко, говедо и ти ли си човек. Јас не знаев како да реагирам на тие навреди и само си поплакував и се плашев да не ми секне млекото.

Ми даваа разни задачи и обврски, а ако одбиев нешто да сработам или тоа беше невозможно за мене, веднаш ме клеветеа кај мажот, а тој кога ќе се вратеше ме кршеше од ќотек. Кога ќе се подуев во лицето од тепање, дури тогаш ќе му велеа да престане да ме тепа, оти не вредело за тоа ѓубре да лежи затвор ако ме отепа.

Најтешко ми беше кога ме бркаа да си одам кај мајка ми и ми го зимаа бебето, не ми даваа да го видам. Тоа ми беше најтешко. Во една расправија ми рекоа дека ќе направат документи со кои ќе докажат дека сум психички нестабилна и непогодна, па легално ќе ми го одзеле детето засекогаш.

Постоеја закони во куќата на кои морав строго да се придржувам: правосмукалка на пример, не смеев да пуштам јас кога сакам или кога ќе ми текне. Мораше ептен многу да се загази дома да се смете. Веројатно затоа никој не им доаѓаше на гости, а можеби затоа што се многу лоши и скржави.

Болјер зимно време смеев да пуштам само во недела и тоа не смееше целиот болјер да се наполни. Доаѓаа да ја видат стрелката случајно да не ја помине средината. Се бањав со млака вода и себеси и бебето.

Детето многу ми плачеше оти му студеше, па зедов да му притоплувам вода во тенџерче на ќумбето. Па потоа се охрабрив и почнав почесто така да загревам вода за мене и бебето, додека не им истекна порано да го гасат огнот. И онака по цел ден седев долу со нив зошто беше потопло, а после 8 се качував горе кај мене. Имав греалка, но ми дозволуваа само по половина час да ја пуштам колку да се замлачи.

Се качуваа горе кога сакаа и колку сакаа само за да ме проверуваат да не случајно сум ги прекршила законите.
Секое сабајле рано доаѓаа да ја допрат греалката и да го проверат болјерот случајно да не сум ги пуштала. Бебето го наоблекував и го пикав во мене за да го стоплам, а тие од првиот ден ми забранија да спие со мене. Ми беше многу жал да се двојам од моето ангелче, а тие веднаш ми раскажаа за некоја девојка што така во спиење си го задушила своето бебе.

Ако случајно ме начекаа со бебето како лежам, веднаш ми го зимаа, го носеа долу или го ставаа во креветче, а мене ме навредуваа со најпогрдни зборови. Не смеев ниту да го избањам без неа. Морав сè да подготвам, а потоа да ја викнам нејзе. Го мачкаше само со сапун, а после викаше по свекорот да види колку сум јас глупава оти една вода не сум знаела да подготвам.

Па се кикотеше врз бебето и демек нему му збореше, а всушност мене ме навредуваше. И не ми дозволуваше јас да го мијам зошто ќе сум го урочела. Кога ви го раскажувам ова, повторно ги преживувам ужасите и се растреперувам. Не знам од каде црпев сила за да издржам. Веројатно бев млада и утеха наоѓав во децата.

Поминато е долго време оттогаш, сега веќе не живееме заедно неколку години, но одиме во посета неколку пати во годината. Не ме прашувајте како ми е. Само да ви кажам дека немав излез. Зар еднаш не посакував да ја напуштам таа куќа? Колку пати се затворав во бањата за да се исплачам? Моите ретко ми доаѓаа и тоа кратко, ќе се напиеја едно кафе и си одеа. Ја гледаа мојата беда, но ми велеа да издржам, да не ги срамам, да не бидам црна овца во фамилија.

И така јас ете трпев и сè уште трпам, за да не пукне срамот.

Не можам само да сфатам зошто свекрва ми на почетокот ми раскажуваше како била малтретирана и тепана од мажот и свекрвата, а потоа истото и мене ми го правеше. Јас ако ме чува умот и ако Бог ме поживее, такво нешто нема да им правам на моите снаи.

Обработи И.П.

Името и презимето познати на редакцијата. Авторски текст, превземен со одобрение од редакцијата на Балкан.

Претходна статијаЛедениот циклон не си оди од Македонија – подгответе се за уште поголем студ
Следна статијаНајуспешната Македонка во северна Америка – заработила над 100 милиони долари