Се собира нешто во душава брат – грутка некоја

0

Тежи мајчината. Така е кога окото ти ги фаќа и оние најневидливите нешта. Зошто морав да бидам проколнат вака?

Од дете ме мачи таа мисла. Кога ќе ми се прелиеше чашата од човечки неправди, ќе се испентарев така на некое дрво и си замислував дека не сум веќе човек, туку птица.

Некоја со големи и силни крила. Да одлетам во некој подобар и поправеден свет. Мал бев. Неколку годинки што се бројат на едно раче. А веќе ме мачеа тешки прашања.

На пример, зошто штркот се враќа овде од кај што јас сонувам да избегам. Дали е слеп и не гледа колку луѓето станале зли? Или можеби во секој човек го гледа само она доброто?

Или пак можеби се враќа заради оние неколку што не можеш да ги натераш на зло, па што и да им правиш? Оние неколку нескршливи. Потоа животот ме научи дека заради тие неколку вредни за почит и неизмерно сакање, не одлетав ни јас.

Сфатив дека тие неколку души што му даваат смисла и на моето постоење, се толку големи што ми ја затскриваат глетката кон оние другите, недостојните. Штркот ме научи добра лекција.

Тој нештата ги гледа од височина, а така сигурно многу подобро се гледа. И така, научив дека мора многу, многу да пораснеш за да го видиш доброто во луѓето.

Мора уште повеќе да пораснеш за да ги пронајдеш вредните, нескршливите. И тука, меѓу нив да си направиш гнездо и ти.

Автор: Драган Таневски

Претходна статијаСилните жени не се раѓаат – Туку стануваат такви
Следна статијаОсум причини зошто жената Рак е најдобриот избор за партнер во животот